Билансот од земјотресите во Венецуела расте: 1.450 загинати, илјадници исчезнати
Бројот на загинати во катастрофалните земјотреси што ја погодија Венецуела се зголеми на 1.450, соопшти високиот венецуелски функционер Хорхе Родригез.

Во обраќање на државната телевизија, Родригез информираше дека досега се регистрирани 3.150 повредени лица, додека последиците од природната катастрофа погодиле 12.721 семејство, пренесува „Скај њуз“.
Според официјалните информации, уништени или оштетени се вкупно 774 објекти. Од нив, 189 се целосно разрушени, а 585 имаат делумни оштетувања. Меѓу погодените се и 38 здравствени установи, за чија санација надлежните веќе преземаат активности.
Властите соопштија дека помош досега добиле 73.937 семејства, а до погодените подрачја се доставени повеќе од 7,2 милиони килограми храна.
Според податоците на Обединетите нации, силните потреси зафатиле најмалку седум федерални држави, а досега се регистрирани повеќе од 430 последователни земјотреси.
Во меѓувреме, спасувачките екипи успеале да извлечат живи татко и син од урнатините на срушена зграда во Ла Гваира, четири дена по разорните потреси.
Двајцата мажи, кои биле во видно исцрпена состојба, биле спасени по повеќечасовна операција што траела околу 12 часа, при што биле користени специјализирани уреди за пребарување.
Во акцијата учествувале и меѓународни спасувачки тимови, вклучително и припадници на француската цивилна заштита и американски спасувачи од округот Ферфакс во сојузната држава Вирџинија.
Иако во текот на викендот биле спасени најмалку 33 лица, десетици илјади луѓе и понатаму се водат како исчезнати. Експертите предупредуваат дека по изминати 72 часа од земјотресот, шансите за пронаоѓање преживеани под урнатините значително се намалуваат.






