Демонстрантите се судрија со полицијата пред албанскиот парламент, 9 полицајци повредени, 18 демонстранти приведени
Девет полицајци и пет демонстранти повредени, 18 лица приведени, оштетени полициски возила, е билансот од судирите меѓу демонстрантите и полицијата денеска попладне пред албанскиот парламент, а пратениците влегуваа во СДобранието за да ја одржат редовната собраниска седница.

Пратениците беа гаѓани со јајца поради што полицијата мораше да интервенира, на што демонстрантите почнаа со насилно однесување, фрлаа камења кон полицајците, отстранија дел од заштитната ограда обидувајќи се да влезат во парламентот, поради што полицијата употреби солзавец и водни топови.
Демонстрантите уништија полициски возила кршејќи ги прозорците и удирајќи со тврди предмети, а фрлија инеколку „молотови коктели“.
Генералниот секретар на владејачката Социјалистичка партија и координатор на пратеничката група, Таулант Бала, во реакција на социјалните мрежи го осуди насилството врз полицајците и повика на оградување од ваквите акти нагласувајќи дека „крвта на полицијата е крв на државата“ и дека „кој ќе крене рака против нив, крева рака против државата“.
„Значењето на должноста што ја носи униформата на државната полиција треба да го натера општеството да размисли за односот, однесувањето и почитта кон полицајците. Полицијата служела и продолжува да им служи на татковината и граѓаните со посветеност судирајќи се со криминалци и злосторници секој ден“, пишува Бала.
Од друга страна, пак, лидерот на опозицијата Сали Бериша го осуди, како што рече, „насилството врз демонстрантите“ и објави дека пратениците на опозицијата нема да учествуваат на денешната пленарна седница.
И во вторникот пред парламентот беше создадена тензична ситуација кога група демонстранти се судрија со полицијата по обидот да го блокираат влезот во парламентот и со јајца фрлаа по пратениците што излегуваа од пленарната седница, како и врз нивните возила.
Беа уапсени неколку лица, меѓу кои и Дритан Гоџај, познат како контроверзна личност, кој повеќепати јавно се изјаснил дека ги поддржува Иран и Хезболах, терористичка организација што дејствува во Либан. Тој е еден од организаторите на протестите, кои повеќе од еден месец се одржуваат пред владата во Тирана.
Фото: скриншот






