Каде се граѓаните во предлозите за измена на Изборниот закон
Повеќе од деценија се заговара промена на Изборниот закон, а неколку месеци работеше и работната група за негова измена, за на крај да сведочиме на предлози за промени кои се анемични, скоро па небитни, а некои и потенцијално штетни бидејки намерите за нивно воведување се сомнителни.

Од сè што се предлагаше во изминатава деценија на крајот испадна скоро па ништо, со мали корекции од кои дел се во ред, а за дел уште веднаш може да се насети дека се со скриени намери и предложени со идеја некому уште во старт да му донесат потенцијална предност, притоа нарушувајки го изборниот кредибилитет.
Откако се формираше работната група партиите се затворија и го киднапираа процесот на промени на Изборниот закон, исклучувајки ја јавноста како промените да ги засегаат само нив. Стручната јавност, па и дел од партиите и независните беа исклучени од можноста да понудат свои предлози и да дадат придонес кон подобрувањето на понудените решенија и не се водеше јавна дебата.
Притоа, изборниот закон е премногу битен за да им се остави само на партиите. Со ваквиот пристап кој го наметна работната група ова веднаш и се виде. Од сè што се сугестии на ОБСЕ и ОДИХР сложните браќа веднаш се зафатија со поделбата на парите, иако Левица е сосема во право кога бара исправање на некои очигледни нелогичности во постојните решенија. Интересно е дека ЗНАМ се прилично порезервирани околу поделбата на парите иако тие се афектирани на идентичен начин. Секако легитимни се и барањата на независните, но проблем е што ни тие, како и најголем дел од партиите, не дадоа никаков придонес во посуштинские аспекти на Изборниот закон. Така и тие се фатија за парите и собирањето на потписи со што ја пропуштија шансата да се промовираат во релевантен актер на политичката сцена, поразличен од постоечките политички партии кој нуди решенија кои ќе значат нов квалитет во изборниот процес.
Да резимираме, се тресеше гората се роди глушец, гладен да грицка сирење. Освен во делот на финансирањето сето друго што се предлага главно е на прв поглед споредно, а на втор и прилично сомнително. Промоторите на измените од власта треба да се потрудат да објаснат, на пример, како ќе допринесе кон демократизација на изборите одредбата на ливчето освен со заокружување да може да се гласа и со други начини на обележување. Сите кои учествувале на избирачки места знаат дека ова е директен вовед во компромитирање на гласањето и нарушување на неговата тајност. Решителни укажувања на опозицијата за недостатоците од електронското гласање на дијаспората мора да биде земено предвид и да бидат презентирани издржани докази дека навистина постојат технички можности таквото гласање да биде спроведено на адекватен начин за да се избегнат непотребни политички тензии. Се насетува и обид за наметнување на де фактот цензура за непосакувани објави на опозиционерите со казни од 8.000 евра
Меѓутоа, ова и не се најголемите и најбитни слабости кои ги содржат предлозите. Со ваков пристап се изневерени очекувањата на пошироката и стручната јавност , како и на дел од партиите. Со вакви алиби измени во изборното законодавство да тврдиш дека спроведуваш некакви реформи е несериозно и е потценување на интелигенцијата, но и улогата на граѓаните во основниот демократски институт, слободни и фер избори,
кој овозможува изразување на волјата на гласачите и нивна адекватна претставеност. Впрочем неодамна и Претседателката Силјановска во некоја прилика благоглаголеше дека граѓаните се носители на суверенитетот и дека ним треба да им се подредени политичките актери. А улогата на граѓаните никаде не е толку директна и јасно изразена како во чинот на гласање за избор на претставници на власта на различни нивоа. Би било интересно да се слушне нејзиното мислење дали предложените измени одат во насока на зајакнување на улогата на граѓаните во формирањето и функционирањето на политичките институции
Само за потсетување, веќе минимум деценија и пол во македонската јавност, на различни нивоа и со различен интензитет, се присутни предлози за унапредување на демократичноста и претставеноста на различните интереси преку зајакната улога на суверенот, граѓанинот или народот, кој како милува. Во таа насока се дебатираше околу различни изборни модели, различни изборни формули, потребата за отворање на иницијатива за намалување на бројот на пратеници и отстранување на очигледните слабости на постоечкиот модел. Во фокусот на тие предлози најчесто беше зајакнување на пресудната улога на гласачите во изборот на своите претставници. Минимум на минимумот е да се најде начин во некоја форма да имаме отворени листи, односно преференцијално гласање. Со постоечките предлози ова е очигледно и намерно избегнато. Би помислил некој дека политичките партии се плашат од зајакнатата улога на гласачите.
Ова и не е неочекувано. Власта, која стои зад овие предлози, се чувствува доволно комотно да предложи закон кој не само што не е реформски и подобар, туку нуди дури и полоши решенија од постоечкиот. Комотноста произлегува од отсуството на притисок на јавноста да се извршат промени кои би ги задоволиле не партиите од власта или опозицијата, не помалите, поголемите или средните партии, туку кои ќе им овозможи на граѓаните не само да гласаат туку и директно да бираат кој ќе ги претставува во парламентот или советите на општините. Избрани претставници кои нема да бидат управувани на далечински управувач од раководствата на партиите туку кои ќе морат да водат сметка пред сè и над сè за интересите на оние кои го заокружиле нивното име. Во таков случај би имале вистинска реформа и реформата би дала резултати. Ова што сега го гледаме е само лоша претстава и обид за подметнување на уште полоши решенија.
За да власта, па и партиите од опозицијата, навистина влезат во посакувани промени на Изборниот закон неопходна е пошироката општествена мобилизација на медиумите, граѓанскиот сектор, стручната фела, малкуте партии со вистински предлози и останати чинители за да се изврши притисок врз политичките актери. Така би бил отфрлен постоечкиот предлог кој не само што е лош туку е и штетен и навредлив за граѓаните и би се пристапило кон вистинска реформа.
Љупчо Довичински






