Рама: Убавиот граѓански протест отстапи место на старото сценарио на конфликт и насилство

Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на насилството за време на протестот пред Парламентот во Тирана.
Според него, убавиот граѓански протест сега му отстапил место на старото сценарио на конфликт, тепачки и насилство.
“Убавиот протест со граѓански дух, патриотизам и чистота сега му отстапи место на старото сценарио на конфликт, раздор и насилство, каде што канџите на неуспешната, гневна политика се разоткриваат со својата карактеристична валканост“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Реагираше и спикерот на парламентот Нико Пелеши, кој во објава на социјалните мрежи, ги осуди актите на насилство врз полициски службеници, пратеници и јавни институции, нагласувајќи дека правото на протест мора да се остварува по мирен пат.
“Ништо не може да го оправда насилството врз припадниците на државната полиција, пратениците или јавните институции. Албанија е изградена врз дијалог и почитување на законот и институциите, а не врз конфронтација, напиша меѓу другото Пелеши.
Надвор од зградата на Парламентот, избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата додека пратениците пристигнуваа за почетокот на пленарната седница. Првично, демонстрантите фрлаа брашно и јајца врз пратениците и нивните автомобили.
Демонстрантите исто така се судрија со полициските сили, при што отстранија дел од металната ограда, обидувајќи се да влезат во собраниската зграда.
Судирите продолжија со фрлање камења и тврди предмети и молотови коктели кон полицијата, при што беа повредени 9 полицајци и оштетени полициски возила.
Полицијата одговори со солзавец и водени топови, по што петмина демонстранти побарале лекарска помош.
Повредените полицајци кои се хоспитализирани во клиниката за трауматологија ги посетија министерот за внатрешни работи Бесфорт Ламалари и генералниот директор на полицијата Скендер Хита.
Според нив полициските службеници се во стабилна здравствена состојба, додека идентификуваните насилни демонстранти се во полициска станица и ќе одговараат според законот






