ДОМАЌИНСКИ ПРИСТАП
Како, на пример, да им објасниш на децата дека сме изградиле систем во кој е нормално да го видите градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски како се фали дека ослободил узурпиран тротоар на Бит Пазар сликајќи се со сопственик на трафика што со години го има узурпирано јавниот простор, и пишувајќи „со добар збор и домаќински пристап, нема невозможно решение“.
Каков добар збор, каков домаќински пристап!?
Четири месеци градската власт преговара со сопственик на трафика, за да ослободи пешачки премин што го има окупирано со години и ја загрозува безбедноста во сообраќајот. Како којзнае каква мировна операција да завршиле. Синким, Битпазарскиот премин е Ормускиот Теснец, па на власта ѝ требаа четири месеци преговори со окупаторот да си го врати окупираниот јавен простор.
Каков добар збор, каков домаќински пристап!? Се знае како држава се справува со силеџии. Пушташ булдожери, пушташ полиција, ако полицијата е малку, пушташ и војска и завршуваш работа. Или, тоа не е домаќински пристап?
И после – децата ни биле силеџии. Па повеќе од десет години цела држава, сосе општински служби и Град Скопје, не може да затвори неколку кафеани во центарот на главниот град затоа што прават бука во станбена зона и сообраќаен хаос. Се надмудруваат Градот и Општина Центар, те оваа инспекција, те онаа инспекција, те моја надлежност, те твоја надлежност, те една фирма била, те три фирми биле, те сите шанкови биле со различни фискални каси… Итар Пејо игра мајтап со државата, а државата јаде и пие гратис.
Е така и во Кочани, 12 години дискотеката „Пулс“ работела на ист принцип на силеџиство, корупција и неказнивост. И така, „со добар збор и домаќински муабет“ со досетливиот газда, ни изгореа 63 деца. Ама дури и тој трагичен кочански шок, од кој уште се лекува општеството, не ја потресе државата. Како што државата не се потресува ни дека УНЕСКО ќе ни го стави Охрид, единственото запишано светско наследство што го имаме, во листата на загрозени споменици на културата и природата, баш поради милион такви „добри зборови и домаќински пристап“ кон локалните итарпејовци што нелегално изградија цели хотели влезени во езерото. Националните паркови ни се соголени од дива сеча на шуми. Планините ни ги уништија солитери со септички јами. Главниот град се дави во канализација при малку посилен летен дожд поради алчноста и на властите и на градежниците што на местото на двокатни куќи изградија станбени згради сосе трговски центри, а инфраструктурата е иста како пред 35 години. Кафеанските тераси се влезени во фонтаните на „Скопје 2014“ кои ги плативме стотици милиони евра, за да може сега спомениците да им бидат декор на на приватните летни бавчи.
Силеџиите владеат. Силеџиите им се закануваат на граѓаните. Силеџиите ја поткупуваат власта. Очи ќе ти ископаат и едните и другите само ако прашаш колку ѝ плаќаат на Општината за користењето на јавниот простор. Кај се шути, па уште и бодат. Тие ќе ја тужат државата ако си го врати назад нелегално узурпираниот јавен простор, оти им го намалила спечалот.
Така што, битпазарското „Али тобако“ е само уште едно „интермецо“ во нашето секојдневие. Затоа и не е за чудење кога тоа насилство што ние го трпиме со години и што институциите го дозволуваат и го толерираат, на крај го гледаме на Инстаграм како насилство од децата врз децата.
Целата колумна на Гран Михајловски на СДК.МК






