Мик Џегер ја објасни разликата меѓу неговото соперништво со Дејвид Боуви и со Џон Ленон

Мик Џегер ги сподели своите размисли за пријателствата со покојните Дејвид Боуви и Џон Ленон, велејќи дека и двајцата му биле соперници, но на многу различни начини.

– Да, бевме соперници. Дејвид беше многу натпреварувачки настроен – многу повеќе од мене. Тој го разбуди тој натпреварувачки дух во мене. Беше толку голем соперник што морав да му возвратам со иста мера… Постојано се менуваше во текот на целата своја кариера. Не постои само еден Дејвид Боуви. Тој полека се развиваше, а потоа одеднаш ќе следеше голема промена кон нов Дејвид Боуви – нов стил. И, кога ја сними „Џин Џини (The Jean Genie)“, многу звучеше како „Стоунс“. Тоа беше неговиот период под силно влијание на „Стоунс“, раскажува британскиот рокер.

 

Пејачот на „Ролинг стоунс“ се потсети и на својата прва реакција на таа песна.

 

– Му реков: „О, Боже! Па, ти ми ги украде сите движења“. И тој дури и не се обиде да го одрече тоа. Само рече: „Да, знам, другар, знам. Но, ова е од почит кон тебе“, продолжи Џегер.

 

Тој имал „натпреварувачки“ однос и со Џон Ленон, но од многу различни причини.

 

– Мислам дека и јас и Џон Ленон бевме многу натпреварувачки настроени. Но, со нас сè беше околу сарказам. Тоа беше „вербален натпревар“, рече Џегер.

 

Потоа, водителот Конан О’Брајан го праша за познатото видео од 1966 година со Ленон и Боб Дилан во такси под дејство на дрога.

 

– Тоа е Џон во неговата најпрепознатлива форма. Тој е многу саркастичен со Боб, а Боб не одговара баш со духовити одговори. Видеото е добар приказ за тоа каков беше Ленон… Тука имате постојана доза на сарказам… Џон не беше соперник на други начини. Тој беше соперник само за тоа кој е најсмешен и најсаркастичен. Мислам дека тоа е својствено за Ливерпул, се пошегува Џегер.

Иако рече дека Ленон „може да биде и прекрасен“, Џегер додаде дека Ленон бил од оние луѓе што ќе ве запрат ако кажете нешто глупаво и веднаш ќе го забележеше тоа.

Back to top button
Close