Кога реката станува закана – како патогените и тешки метали стигнуваат до граѓаните
Како продолжение на истражувањето „Матни води“ денеска објавуваме текст за влијанието од користењето на отпадни води во земјоделието, при пливање или пиење. Додека го подготвувавме текстот, стасаа вестите за труењето на населението во Гостивар со загадена вода од Вардар. Какви се здравствените последици од користењето на загадена речна вода?
Како што денеска јавуваат бројни македонски медиуми, вчера, 16.07.2026 година, доцна попладне јавен обвинител и инспектори за криминалистички работи излегле на терен во гостиварското село Вруток, каде извира реката Вардар, откако околу 1.200 лица во гостиварско побарале медицинска помош поради стомачни проблеми. Како што пренесе ТВ Телма, од секторот за внатрешни работи во соседниот град Тетово се информира дека постои сомневање за поставување на „три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот“. Наводно, тоа е направено од страна на ЈП „Водовод“ во договор со Општина Гостивар со цел зголемување на притисокот во мрежата, поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозило здравјето на граѓаните во градот.

Истражувајќи на темата за загадувањето на македонските реки, во Институтот за јавно здравје ни беше посочено дека во таквите загадени води можат да се најдат фекални стрептококи, ешерихија коли, псеудомонас аеругиноза, која спаѓа во групата на интрахоспитални бактерии, а преку водени капки може да се пренесе и легионела – на пример, при пливање и проголтување.
„Тоа што е опасно ниту се гледа, ниту се мириса во најголемиот дел од случаите. Така што мора да се подигне свеста дека капење, макар и на неколку минути, не треба да се практикува. Верувам дека нашите граѓани се запознаени дека ниту една бактерија и вирус не може преку недопрена, неоштетена кожа или слузница да навлезе. Меѓутоа навлегува доколку имате микро ранички, навлегува доколку имате некаква инфекција – значи веќе оштетен епител или слузници. Но, навлегува и преку други патишта. Најзначен пат на изложеност на населението е преку проголтување. Мораме да земеме предвид дека и најдобриот пливач, епидемиолошки студии покажале, во текот на еден тренинг проголтува 15 милилитри вода“, нагласува проф. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделение во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Во Институтот за јавно здравје испитуваат паразити, но не и вируси во речните води.
„Вирусите и те како се многу поопасни, а ние не ги испитуваме како држава. Значи, мораме да ги зајакнеме капацитетите. И во површинските и во водите наменети за пиење, односно водоснабдување на населението мораме да испитуваме и вируси. Правиме напори како Институт за јавно здравје да ја опремиме и вирусолошката лабораторија во однос на санитарните примероци, меѓутоа сѐ уште без успех. Значи, мораме да сфатиме дека Хепатито А, заразната жолтица А, и Хепатитот Е се пренесува и преку површинските водни тела и преку водата за пиење. А, ние не ги испитуваме како држава. Да не зборувам за останатите вируси – ротавирусите и така натаму, коишто можат да се пренесат преку пливање или употреба за наводнување“, објаснува проф. д-р Димовска.
Цијанотоксини како нов предизвик
Ризиците од загадените речни води секојдневно се зголемуваат, па институциите мора и преку стручни кадри и преку опрема да се пролагодуваат на нив, надградувајќи го мониторингот и во однос на зачестеноста. Како нов јавноздравствен предизвик се гледаат алгите, кои порано така се нарекувале, а денес се означени како цијанобактерии.
„Тие произведуваат толку јаки цијанотоксини, коишто акутно можат да го оштетат црниот дроб, да ги оштетат бубрезите, ако директно се внесат, проголтаат преку прливање, капење, преку консумација на храна, пиење на вода, а влегуваат и во кореновиот систем на одредени култури што се одлегуваат во земјоделието. И затоа од тие причини, дополнително треба да се прави анализа на површинските води, коишто служат за наводнување и во однос на цијанотоксини“, нагласува проф. д-р Димовска.

Реката Вардар, како најдолга македонска река, тече низ пет котлини и три клисури. Во котлините површините се користат за земјоделие. „Вкупната потрошувачка на вода за наводнување во подрачјето на сливот на реката Вардар изнесува 464 Mm³/годишно“, стои во извештајот за оваа река изготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање. Како најзасегнати се посочуваат Полошкиот и Скопскиот Регион. Какви се здравствените последици од користењето на таа загадена вода за наводнување?
„Она што е битно е дека се зависи од тоа кој тип на култура ќе се наводнува со потенцијално загадена вода. Најголемата опасност е доколку се произведува храна, којашто расте блиску до површината на земјата. Тоа се раноградинарските производи – марули, салати, спанаќ, кромид, сѐ она што расте под земјата или над земјата, особено лисестиот зеленчук и особено храната, којашто нема термички да се обработи. Друго е дали ќе се наводнува житна култура, затоа што ја користите само семката. Меѓутоа тоа е од аспект на микробиолошка контаминација. Не треба да заборавиме дека површинските води потенцијално можат да имаат и тешки метали, кои може да влезат во водниот столб. Микробиолошките контаминетни, бактериите, вирусите, паразитите може надворешниот дел од храната, особено што термички не се преработува, да го контаминираат – особено марулите, магданосот, зачинските билки. Но, тешките метали влегуваат и во кореновиот систем. Значи веќе може да ги најдете и во плодот. На дрвата, на јаболкниците, овоштарниците, во било кој вид на храна“, објаснува раководителката на одделение во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје, проф. д-р Мирјана Димовска.

Научни студии за влијанието на загадените реки врз здравјето на луѓето
Научно истражување под наслов „Влијанието на загадувањето на водата врз водените инфекции: нагласување на микробната контаминација и поврзаните здравствени ризици кај луѓето“, објавено во март 2025 година, потврдува дека „водните патогени бактерии се делат и размножуваат во вода и преживуваат дури и кога има ниско ниво на органски хранливи материи“.
„Псеудомонас аеругиноза е присутна во слатководни екосистеми, почви, растенија и различни зеленчуци како кромид, марула и домати. Таа е изобилно присутна во површински води и отпадни води и предизвикува инфекции кај луѓето и различни животни. Псеудомонас аеругиноза е високо отпорна на различни антибиотици“, стои во истражувањето.
Студии за реката Сава покажуваат дека потенцијално токсични елементи можат да се акумулираат во почвата и биолошките ткива, а нивната концентрација варира при висок и низок водостој. Потврдените ризици за здравјето вклучуваат канцероген ризик, како и развојни нарушувања кај децата, при долготрајна изложеност на тешки метали, како што се арсенот, кадмиумот и оловото. При долготрајно внесување на токсични елементи преку храна или вода се нарушува функционирањето на бубрезите и црниот дроб.
Македонските граѓани отстрануваат табли со предупредување
Подигнувањето на свеста, и во однос на загадените реки, е очигледно најтешко остварлива цел во Македонија.
„Луѓето да сфатат дека во загадена, контаминирана површинска вода, прво и основно не смеат да се капат. Значи нашето население мора да сфати дека штом постои табла – да се почитува. Инспекторите од санитарниот здравствен инспекторат, коишто се надлежни да постават табла, ќе ја постават и велат локалното население ја отстранува за половина час, без разлика дали е тоа вода за капење или вода за пиење, некоја природна чешма итн. Значи ги изложуваат на ризик и тие што не знаат каков е квалитетот на водата“, додава раководителката во Секторот за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје.

Поради загадувањето, на многу места во државата е забрането капењето во речните води. Таков пример е и Скопје, каде табли со испишана забрана стојат во близина на Камениот мост и на Железничката станица. Сепак, секој јануари водите, во кои се слева канализација и отпадна индустриска вода, се осветуваат, а верници се фрлаат по крстот.
„Тоа е феномен на којшто секоја година како стручно лице професионално вработена во овој инситут и како професор на факултет се прашувам зошто луѓето го прават тоа и зошто нашата црква дозволува токму на тоа место, токму на тоа површинско водно тело кога знаеме дека е фекално загадено. Да не бидам погрешно сфатена – јас сум верник, ортодокс, меѓутоа искрено сум како професионалец загрижена и сметам дека црквата мора да изнајде решение додека нашите наоди и резултати не покажат дека река Вардар после пречистувањето се подобрува нејзиниот квалитет во однос на микробиолошката анализа, да најдат друго решение за да го изведуваат тој ритуал со максимална должна почит“, порачува проф. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје.
Таа нагласува дека зголемените стапки на дијареални заболувања се бележат во летниот период, кога брзото размножување на бактериите расте со зголемувањето на температурите. Дали верскиот обред во јануари има влијание врз зараза на учесниците не може со сигурност да се каже, бидејќи недостасуваат пријави и генерално лицата со стомачни проблеми пробуваат сами да се лечат и не одат на лекар да пријават случај на труење.
„Тоа што нашите колеги епидемиолози ни го кажаа е дека рипортингот, она што се нарекува известување, е проблем, затоа што доколку не е некоја тешка дехидратација – ние со медицински термин велиме прострација – буквално да изгубите голема количина на течност и електролити преку проливите, нашиот народ најчесто домашно се лекува и не се јавува на лекар. И погрешното пријавување, односно непријавување, е една од причините за тие сѐ уште ниски стапки“, вели проф. д-р Димовска.
Микрозагадувања од различен вид
Стручните лица се соочуваат со бројни предизвици, бидејќи нови хемикалии се измислуваат многу често, а за докажување на нивното дејство е потребно време.
Како долгорочен ризик се смета микропластиката во водите, која во себе содржи токсични адитиви и може да апсорбира и други загадувачи. Преку биоакумулација во водни организми, односно риба и други водни продукти, таа завршува во човековиот организам. Но, микрозагадувањата не се само со микропластика.

„Микрозагадувањата се навистина широк поим. Тие доаѓаат од различни извори и имаат различни начини на внес. На пример, дел од нив доаѓаат преку комуналните пречистителни станици – како што е, на пример, контрастното средство од рендген, кое завршува во урина ако сме биле на снимање. Всушност, идеално би било тоа да се собира во пластични ќеси и да се уништи со отпадот, преку комунални постројки за спалување. Исто така, хемикалии од индустријата за обложување на спортски јакни или обложувања на тефлонски тави, како и пестициди од земјоделството. Овие микрозагадувања се голем предизвик, бидејќи и во многу мали концентрации можат да имаат негативни последици врз животната средина и човечкото здравје. А, пред сѐ е мошне скапо и сложено да се отстранат од водата за пиење во системот за питка вода. Под оваа група спаѓаат и т.н. вечни хемикалии (Forever Chemicals), што ова го прави навистина најголем предизвик“, во германскиот град Бон ни објасни Марк Даниел Хајнц, извршен директор на Меѓународна комисија за заштита на Рајна (IKSR).
Реки во најлоша категорија
Во македонската Управа за хидрометеоролошки работи прашавме што покажуваат компаративните анализи на загадувањето на македонските реки.

© Александар Методијев
„Компаративните анализи покажуваат варијација на загадувањето во споредба со локацијата. На одредени места има задржување на трендот, додека на други мерни места имаме зголемување на загадувањето. Најчесто кај нас во државата реките се загадени со нутриенти и тоа доведува тие реки да се во четврта или петта категорија. Реката Вардар, која е најголема река во државата, ние ја мериме, односно го следиме квалитетот на реката Вардар, на шест мерни места, почнувајќи од Радуша, потоа Скопје, Таор, Башино Село, Ногаевци, Демир Капија и на крај пред излез од државата во Гевгелија. Анализите покажуваат дека во одредено мерно место има повеќе притисок, додека во други мерни места има помалку притисоци. Квалитетот на водата на реката Вардар е од трета, некогаш знае и четврта класа. После градот Скопје, кај мерното место Таор, резултатите покажуваат четврта, а порано и петта категорија на површинска вода. И, до крај се следи класата, односно до Гевгелија, каде е со четврта класа на квалитет на вода“, објаснува д-р Шерибан Рамани, раководителка на сектор за квалитет на води при Управата за хидрометеоролошки работи.
Квалитетот на речните води се одредува и натаму според стара уредба од 1999 година со исти гранични вредности за четврта и петта категорија, иако нова уредба е донесена во 2016 година. Под притисок на индустријата, нејзината примена последен пат е одложена до 2028 година. Според старата уредба, површинските водни тела се делат во пет категории – од прва, во која може да се одледуваат риби, да се спортува или која може со мал третман да се пие – до петта, во која реката е мртва и водата не смее да се користи ни за наводнување.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Матни води“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.







