Србинот кој за малку ќе испаднеше низ прозорецот на авион: Ова е кошмар, психички сум на дното!

Шок претрпе 61-годишниот Љубиша Каровиќ, кој беше тешко повреден за време на летот од Солун до Меминген во Германија, откако се скрши прозорецот на авионот, при што половина од неговото тело се најде надвор од кабината.
Инцидентот се случи на 10 јули, на летот FR1879 на компанијата Ryanair. Неколку минути по полетувањето, според сведоштвата на патниците, се слушнал заглушувачки тресок кога дел од моторот се одвоил и удрил во прозорецот до кој седел 61-годишниот Србин.
Ударот го скршил прозорецот, а силната декомпресија го повлекла патникот кон отворот, при што главата и рамената му виселе надвор од трупот на авионот на висина од околу 6.000 метри. Неговата сопруга, заедно со другите патници, го држела сè додека не успеале да го вратат внатре во авионот.
Речиси две недели подоцна, во интервју за германскиот весник Bild, Љубиша Каровиќ ги опиша драматичните моменти што ги доживеал:
„Спиев. По некое време, ме разбуди многу силен тресок што звучеше како експлозија на бомба. Бев свесен само еден миг, а за останатото не се сеќавам. Кога дојдов при свест, бев целиот во крв. Крв ми течеше по лицето и рацете. Штом ќе ги затворам очите, ми се враќаат сликите од сè што доживеав во тие неколку минути. Тоа е кошмар што не можам да го опишам со зборови.“
–
Во несреќата, тој се здобил со изгореници на десната рака и на грбот. Исто така, десната страна од телото привремено му била парализирана, додека десното уво и десното око претрпеле делумни оштетувања. Како што наведува, некое време не чувствувал ништо.
Пред овој инцидент, 61-годишникот водел многу активен живот, бил енергичен и сакал да патува со авион. Сепак, сега сè е променето.
„Сè ми пречи сега. Бучавата и вревата ми пречат, не можам да одам по улица, сè ми пречи. Допрев до дното. Тоа влијае на мојата работа и на моето семејство. Што ќе се случи сега? Сè зависеше од мене, јас бев ’моторот‘ на целото семејство. Животот ми е целосно нарушен. Воопшто не можам да се концентрирам. Не можам да се фокусирам на ништо. Тоа значи дека едноставно повеќе не функционирам како што треба.“
Како што нагласи тој:
„Дури и не помислувам повторно да се качам во авион. Секојпат кога ќе слушнам авион, ме фаќа паника и добивам треска. Воопшто не сум добро.“
Засега не се знае дали тој некогаш ќе може да се врати на нормален живот. Сè уште не е јасно дали ќе мора да се подложи на хируршка интервенција или дали ќе мора да ја носи заштитната јака за врат уште подолго време.
Пред неколку дена, неговата сопруга Светлана Каровиќ, која заедно со другите патници го спаси од сигурна смрт, зборуваше за овој инцидент за „Нова“.
„Како дел од моторот да отпаднал и удрил во прозорецот каде што седеше Љубиша. Веднаш реагирав и го фатив за нозете. Си помислив: ’Ако треба да умреме, ќе умреме заедно‘. Беше ужасно“, рече таа.
Околу пет минути таа го држеше сопругот со сите сили, сè додека другите патници не притрчаа на помош и не успеаја да го повлечат назад во кабината, додека нивните маски за кислород веќе биле изгорени.
Светлана се сеќава на еден маж и една жена кои веднаш притрчале кон неа.
„Дојдоа да ми помогнат. Се сеќавам на еден маж и една жена. Тој многу ни помогна, и мене и на Љубиша“, рече таа, изразувајќи желба повторно да се сретне со него за лично да му се заблагодари.






