Телеграф: Белата куќа нема да ја блокира екстрадицијата на браќата Тејт во Велика Британија
Белата куќа ќе дозволи британско-американските „инфлуенсери“, обвинети за повеќекратни кривични дела, вклучувајќи силување и трговија со луѓе, браќата Ендру и Тристан Тејт, да бидат екстрадирани во Велика Британија, и покрај притисокот од блиски луѓе до американскиот претседател Доналд Трамп, објави британскиот дневен весник Телеграф, повикувајќи се на неименуван американски извор.

Тој тврди дека ниту Трамп нема да ја блокира екстрадицијата на браќата Тејт.
Додека друг неименуван американски извор истакна дека е изненаден од одлуката на американското Министерство за правда да издаде налог за апсење.
– Ставот е дека не ги уапсивме демократите, кои ги украдоа изборите, ниту луѓето поврзани со Епстин, но ќе екстрадираме американски граѓани во Велика Британија, наведе тој, додавајќи оти за тоа не знаеле ниту државниот секретар Марко Рубио, ниту Трамп ниту вршителот на должноста државен обвинител на САД, Тод Бланч.
Ендру Тејт повеќепати тврдел дека е близок со семејството Трамп и оти е во контакт со синот на американскиот претседател, Барон. Пред нивното апсење во Мајами минатата недела, браќата Тејт поминале неколку дена во Вашингтон, каде што биле примени од неименуван претставник на Трамп, а биле видени и во ходниците на Капитол Хил.
Ендру и Тристан Тејт беа уапсени на 18 јули во Мајами по повеќекратни обвиненија поднесени од британското судство. Ендру Тејт се соочува со 42 обвиненија во Велика Британија, вклучувајќи седум обвиненија за силување, три обвиненија за сексуална експлоатација, три обвиненија за физички напад и 19 обвиненија за непристојни слики од деца и екстремна порнографија. Тристан се соочува со 17 обвиненија во Велика Британија, вклучувајќи две обвиненија за силување, едно обвинение за сексуален напад и три обвиненија за вмешаност во трговија со луѓе.
Британското обвинителство соопшти дека ќе поднесе дополнителни обвиненија против браќата откако идентификуваше уште четири наводни жртви врз основа на докази собрани од полицијата во Бедфордшир.
Браќата Тејт ги негираат обвинувањата за сексуална злоупотреба и трговија со луѓе, тврдејќи дека насилните и мизогини изјави биле извадени од контекст или биле шеги. Тие се во притвор и во наредните недели ќе се разгледа нивната екстрадиција во Велика Британија, а конечната одлука ќе ја донесе Рубио.
Тие се обвинети и под истрага и во Романија за трговија со луѓе, трговија со малолетници, формирање криминална група и перење пари.






