Индискиот премиер најави забрзани судски процеси за измами на испити, демонстрантите инсистираат на оставка од министерот за образование

Индискиот премиер, Нарендра Моди, денеска изјави дека ќе бидат формирани „забрзани“ судови за процесирање на одговорните за измами на испити, како одговор на повеќедневните протести на младите кои бараат оставка од министерот за образование.

Изјавата Моди ја даде неколку часа откако синоќа дојде до судир на демонстрантите со полицијата на улиците на Њу Делхи, при што полицијата употребила солзавец и палки за да ги растера насобраните.

„Ништо не е поважно од благосостојбата и иднината на нашата младина. Одлучивме да воспоставиме забрзани судови за да обезбедиме брзо и строго казнување на инволвираните во истекувањето испитни материјали. Оние кои ќе се обидат да и наштетат на иднината на нашата младина нема да бидат поштедени“, напиша Моди на платформата „Икс“.

„Забрзаните судови“ се посебни тела формирани за побрзо решавање одредени предмети и за надминување на неажурноста на индискиот правосуден систем каде постапките понекогаш траат со години. Такви специјализирани судови во Индија се формирани и за процесирање сексуални злосторства врз жени и деца, тероризам, перење пари и престапи на законодавци.

Протестите беа иницирани поради „пробиени“ испитни тестови, со што директно беа засегнати милиони студенти, дури беа регистрирани и неколку самоубиства на млади лица.

Сатиричната „Партија на бубашвабите“ денеска побара оставка на министерот за образование, Дармендра Прадхан.

Опозициските партии ги поддржаа барањата на студентските движења и го нарушуваат работењето на парламентарната седница што започна оваа недела.

Лидерот на главната опозициска Конгресна партија, Рахул Ганди, истакна дека премиерот Моди е човекот кој најмногу и наштетил на иднината на индиската младина.

„Дозволивте и поттикнавте целосно заробување и уништување на нашиот образовен систем и ги заштитивте сите одговорни за тоа“, изјави Ганди, повторувајќи дека Прадхан треба да биде сменет, а Моди да им се извини на студентите.

Според локалните медиуми, повеќе од десет илјади се собрале на вчерашниот протест во Њу Делхи. Предводниците на младинските протести најавија дека собирите ќе продолжат се додека Прадхан не поднесе оставка.

Полицијата соопшти дека дел од демонстрантите синоќа фрлале камења и пластични шишиња кон полицајците, при што неколкумина биле повредени и пренесени во болница.

Во понеделникот десетици илјади демонстранти се упатија кон Парламентот, при што на некои места дојде до судири со полицијата, која користеше солзавец и палки за да ги растера.

Поради протестите, компанијата што управува со метрото во Њу Делхи денеска соопшти дека привремено затвора 16 станици во и околу центарот на градот од безбедносни причини.

По зголемениот притисок од демонстрантите, владини претставници имале разговори со претставници на „Партијата на бубашвабите“, уверувајќи ги дека нивните барања ќе бидат разгледани.

Владата најавила и парламентарна расправа по однос прашањата поврзани со испитниот систем, како и реформи во системот на полагање испити.

 

Back to top button
Close