Во Музејот на град Скопје ќе бидат промовирани двојазичното издание на „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“ и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“
На 26 јули, денот кога Скопје повторно се навраќа кон својата најдлабока рана, ве во музејот на Град Скопје ќе отворо изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, со фотографии на Васил Хаџиманов од тажачките обреди по земјотресот и на промоцијата на дополнетото и двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“/”Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov)” од Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Настанот ќе се одржи на 26.07.2026 г. во 20.30 часот во Музејот на град Скопје.
Книгата и изложбата отвораат два влеза во истиот архив: преку зборот и преку фотографијата, преку гласовите на жените што ја оплакувале загубата и преку погледот што ги сочувал нивните лица, движења и обреди. Овие архивски материјали, повеќе од шест децении недостапни за јавноста, денес сведочат за тагата како лично искуство, заеднички обред и дел од културната меморија на градот.
-Кога во 2023 година ја објавивме книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, нашата првенствена намера беше пред научната и пошироката јавност да претставиме еден долго време недостапен корпус од македонското фолклорно наследство. Ракописните и звучните записи што Хаџиманов ги создал непосредно по катастрофалниот земјотрес, на погребите и помените на жртвите, повеќе од шест децении останале расеани во неговата архивска оставнина. Нивното пронаоѓање, дигитализирање, расчитување и приредување ни овозможи да ги вратиме во јавниот и научниот простор гласовите на луѓето што својата загуба ја изразувале преку еден од најстарите, а истовремено и најмалку проучуваните фолклорни жанрови. Книгата ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајно научно остварување, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за придонес во науката и книжевноста поврзан со градот и со неговото историско паметење – стпи во најавата на изложбата на Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Дополнетото и двојазично издание„Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“/”Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov)”, прво во ваква форма, произлезе од интересот за книгата надвор од македонскиот научен простор, но и од сознанието дека работата со архивата на Хаџиманов не беше завршена со изданието од 2023 година. Натамошното пребарување донесе дополнителни белешки и фотографии што тој ги направил во разурнатото Скопје, на гробиштата во Бутел и при погребните обреди. Дел од овие документи се вклучени во ова издание и го прошируваат сведоштвото за околностите во кои биле снимани тажачките песни. Ова издание е дополнето и со музиколошки прилог на Вера Милошевска-Јосифовска, кој ја проширува анализата на мелодиските, ритмичките и изведувачките особености на материјалот.
Особено значајна новина е англискиот превод на Милан Дамјаноски, со кој научните прилози и објавените тажачки песни стануваат достапни за меѓународната научна јавност. Преведувањето на еден ваков корпус поставува специфични предизвици. Дијалектните форми, роднинските називи, вокативните обраќања, повторливите тажачки формули и значенските нијанси на усната изведба не секогаш имаат непосредни еквиваленти во англискиот јазик. Во преводот се настојува да се зачува документарната вредност на записите, а притоа да се овозможи нивно читање и разбирање надвор од македонската јазична и културна средина. Двојазичниот распоред му дава можност на читателот непосредно да го споредува оригиналот со преводот и да ги согледа местата каде што јазичната и културната специ фичност бараат дополнително толкување.
Изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“ (фото графии на Васил Хаџиманов од тажачките обреди), чијшто авторски концепт е подготвен во соработка со фотографот-документарист Иван Блажев од Архив МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“, за првпат ќе претстави дел од досега неприкажаните фотографии што Хаџиманов ги направил на скопските гробишта по земјотресот. Фотографските сведоштва за погребните и тажачките обреди ќе бидат поврзани со дигитализираните звучни записи, така што посетителите истовремено ќе можат да ги гледаат визуелните документи и да ги слушаат гласовите на жените што ги оплакувале своите блиски. Со спојувањето на сликата и звукот, архивскиот материјал добива нова музејска и меморијална форма, а промоцијата на дополнетото двојазично издание станува дел од поширокото одбележување на делото на Хаџиманов. Неговиот исклучителен собирачки, мелографски и документаристички труд сè уште не е целосно истражен, а голем дел од оставнината останува предизвик за идни проучувања. Се надеваме дека книгата и изложбата ќе придонесат неговото дело да добие повидливо место во историјата на македонската фолклористика, етномузикологија и визуелна култура и дека ќе поттикнат натамошно објавување и проучување на материјалите што ги собирал со децении.






