Бабиш во Белград: Србија заслужува членство во ЕУ и во Шенген-зоната


Чешкиот премиер Андреј Бабиш денеска во Белград ја повтори поддршката за членството на Србија во Европската Унија, но и за нејзино приклучување кон Шенген-зоната, оценувајќи дека Србија и другите земји кои не се дел од Шенген поефикасно ја штитат надворешната граница на Унијата од илегалната миграција отколку некои земји членки.

Бабиш, кој ја предводи чешката државна делегација во дводневна посета на Белград, на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека Европската Унија треба да вложи напори Србија и останатите земји од Западен Балкан да станат дел од европското семејство, бидејќи тој процес трае со децении.

– За жал, на ниво на Европската Унија не сме во состојба да кажеме зошто не ги сакаме овие земји. Србија ја има нашата поддршка, а тоа е особено важно за Европа, особено во време кога наместо за мир постојано се зборува за војна – изјави Бабиш.

Вучиќ му се заблагодари на Бабиш за поддршката од Чешка за европскиот пат на Србија, нагласувајќи ја важноста од приклучувањето кон единствениот европски пазар, како и од отворените граници во регионот и кон земјите членки на Унијата.

Бабиш потсети дека Србија за време на пандемијата на Ковид-19 на Чешка ѝ донирала 100.000 вакцини во период кога неговата земја „се борела за вакцини во рамките на ЕУ“, додавајќи дека „таквите гестови не се забораваат“.

Тој рече дека е „воодушевен“ од работењето на чешките компании во Србија и од трговската размена меѓу двете земји, која достигнала 2,4 милијарди евра.

Во текот на денот Србија и Чешка ќе одржат и бизнис-форум на кој ќе учествуваат околу стотина компании.

Вучиќ најави дека стопанствениците ќе ги претстават можностите за понатамошна соработка меѓу Србија и Чешка и се заблагодари за одлуката на чешката Влада да учествува на специјализираната изложба „ЕКСПО 2027“.

Back to top button
Close