Кој прв до целта: војната или изборите во Франција и Германија?

Денко Малески

Познаникот од една од поголемите земји на Источна Европа, членка на НАТО и на ЕУ, истражувач на Балканот, ми вели, деновиве во Езерски Лозја, дека тој не би се осмелил да излезе пред својата јавност со ставот дека причината за руската агресија врз Украина е погрешната политика на колективниот Запад да го прошири НАТО..Да, вели, може да се зборува за Западниот империјализам, особено може да се критикуваат лудостите на Трамп, ама само ако не се заборави и рускиот империјализам и лудоста на Путин да ја нападне Украина. Од дебатите на порталите разбирам дека истото мислење доминира и во другите земји на ЕУ: дека дебата која ја префрла вината на Западот едноставно не поминува. Луѓето, загрижени за своите кариери, па дури и пензионирани дипломати кои сакат да си го сочуваат угледот во јавноста одбиваат јавно да го кажат она што приватно го мислат: дека Америка и ЕУ згрешија кога се обидоа да ја инсталираат воената машинерија на НАТО на рускиот праг, во Украина. Дури и претходниот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг, јаво се пофали дека пред инвазијата од феврари 2022, писмено му се обратил Путин барајќи неутралност за Украина но Столтенберг одлучно ја отфрлил неговата идеја.

Од тој момент наваму сведоци сме на перманентна ескалација на војната во Украина. Она што беше незамисливо на почетокот, со ракети и дронови произведени во Германија, Франција или Велика Британија, да се таргетираат цели длабоко во територијата на Русија стана секојдневна пракса. Русија,пак, одговара со напади кои имаат се поголема разурнувачка сила. Никој веќе не мисли на утре. Еуфоријата дека нашиот западен сојуз на демократии, со дронови и ракети, ќе ги натера Русите на повлекување ја доживува својата кулминација деновиве. Вестите се полни со информации кои велат дека Украина победува а Русија губи. Само треба да се издржи уште малку, па Путин ќе биде соборен од власта од страна на народот, незадоволен од долгите редици на бензинските пумпи и од економските тешкотии кои се последица на војната. За обратниот ефект, имено дека народот се обединува во поддршка на раководството или за можноста некој порадикален политичар да дојде на местото на Путин, не„ смее“ да се зборува зашто тоа ја руши нашата званичната пропагнда дека само што не сме ја добиле војната.

Во меѓувреме, една нација и една држава умира. Ова ли е нашата грижа за Украина: да се бориме до последниот Украинец? Ова ли е моралниот став, а не оној кој вели дека денес, неутрална Украина ќе беше цела и ќе беше мост на соработка меѓу Русија и Европа, две страни кои се толку компатибилни за економска соработка која води до взаемен просперитет : Европа, технолошки напредна , густо населена со 500,000,000 жители и без големи природни ресурси и Русија, со 140, 000,000 со огромни природни богатства.

Марк Руте, несреќниот генерален секретар на НАТО размислува поинаку Деновиве изјави дека улогата на НАТО е да ја проектира американската моќ во светот. Не кажува дека на европските политичари им треба војната во Украина за да ја задржат Америка во сојузот, а стравот од Русија за да ги задржат своите политички позиции. Однесувајќи се како „папи поголеми од Папата“, не прифатија мир и кога Трамп го бараше тоа од нив. Денес, еуфоријата од успесите на дроновската војна на Украина против Русија, финансирана од НАТО и ЕУ, го врати нестабилниот американски претседател во војната. Москва предупредува. Русија беше гаранторот на целовитоста на Украина, вели Путин за некогашната советска република, толку налик на Босна во Југославија. Бидејќи тоа не го разбраа Западот и Киев, сега ќе ги земеме сите руски територии, сега или за 10 години, не е важно.И гледајте сега. Брисел,објавува дека, покрај воената поддршка, почнува пристапни преговори со Украина за членство на земјата во ЕУ. Никој не размислува што ќе значи за Европа врзувањето на судбината на Украина со судбината на континентот. Зашто, дололку Русија продолжи да напредува до победа која ќе ја опфати теритопријата на Новоросија со пристаништето Одеса и долу до реката Дњепр, ЕУ и НАТО ќе се соочат со нужноста да влезат во војна со свои трупи и Европа да завојува со Русија. Иако некој ќе помисли дека ова што го пишувам се граничи со фантазија, во игрите меѓу големите сили се случува се. Не би ми било чудно Америка да ја искористи Европа за истата цел за која неуспешно ја искористи Украина – да се ослабне Русија за да и го одземе статусот на голема сила. Даја поддржи Европа во една конвенционална војна против Русија. Каква катастрофа од тоа може да се роди само еден Бог знае. Единствениот спас се народите на Европа кои, според сите анкети, не сакаат војна. Кој прв до целта: војната или ноовите избори во Франција и Германија?

 

Back to top button
Close