„Водата во Гостивар е безбедна за техничка употреба, но не и за пиење“, вели Тошковски
По серијата лабораториски испитувања, водата во Гостивар е оценета како безбедна за техничка употреба. Тоа значи дека граѓаните можат да ја користат за капење, миење садови и останати домашни потреби, но таа сè уште не е препорачана за пиење и подготовка на храна, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција.

Тошковски нагласи дека дистрибуцијата на флаширана вода ќе продолжи сè додека не се потврди дека водата е целосно безбедна и за консумирање.
„Во постојана координација сме со локалната самоуправа за сите наредни чекори. Благодарност до граѓаните на Гостивар за трпението и разбирањето, како и до сите стручни лица кои работеа на надминување на состојбата. Се надевам дека ова ќе биде поука за сите надлежни, бидејќи здравјето на граѓаните не смее да биде доведено во прашање“, изјави Тошковски.
Според експертите, во изминатите три дена биле анализирани шест примероци од различни локации, при што сите покажале дека водата ги исполнува условите за техничка употреба.
Контролите ќе продолжат и во наредниот период со дополнителни анализи на повеќе мерни точки низ Гостивар. Надлежните очекуваат дека, доколку резултатите останат позитивни, водата наскоро повторно ќе биде дозволена и за пиење. До тогаш, граѓаните треба да ја користат исклучиво за технички потреби






