(Видео) Со натписи УЧК вандализиран Српскиот културен центар во Куманово
Министерот за локална самоуправа и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, реагираше по вандализмот врз просториите каде што функционира Културно-уметничкото друштво „Српски вез“, каде, како што наведува, фолклор изучуваат повеќе од 200 деца.
„Ксенофобијата со примеси на шовинизам, константно присутна во јавноста, особено изразена во последните две години од учеството на ДПСМ во Владата, пропратена со незаслужениот молк на јавноста, почнува да дава видливи резултати“, напиша Стоилковиќ на Фејсбук.

Тој го осуди, како што го нарече, „насилничкото, деструктивно и нецивилизирано однесување“ врз имотот и просториите на друштвото, како и испишувањето на натписи „УЧК“.
„Државата и јавноста би требало најстрого да го санкционираат ваквото однесување. За политиките кои го поттикнуваат ваквото однесување во некоја друга прилика. Никој нема да биде изоставен“, порача Стоилковиќ.






