Рускиот претседател бара референдум за европските амбиции на Ерменија

Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска за време на телефонскиот разговор со ерменскиот премиер Никол Пашинијан, инсистираше Ерменија да одржи референдум за можното пристапување кон Европската Унија, соопшти Кремљ.
Ерменија, сојузник на Русија со која дели повеќевековна историја, последните месеци се сврте кон западните сили под водство на Пашинијан, чија партија победи на парламентарните избори во јуни.
Тоа свртување и изразената амбиција да ѝ се приклучи на ЕУ ги затегнаа односите со Москва, која воведе санкции за Ерменија. Руските власти го забранија увозот на ерменски земјоделски производи.
Рускиот претседател „ја нагласи потребата што поскоро да се одржи национален референдум за членството на Ерменија во ЕУ“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Пашинијан рече дека таков референдум е „можно да се одржи дури по поднесувањето официјално барање за членство во Европската Унија“, соопшти кабинетот на ерменскиот премиер.
И покрај зближувањето со Западот, Пашинијан ја потврди желбата за одржување силни врски со Русија, која ја смета Ерменија за составен дел од својата сфера на влијание






