На фреквенција со љубовта под ѕвездите: Голем рок концерт на АРЕА овој петок во Антички театар – Охрид

Една од најзначајните македонски рок-групи, АРЕА, на 31 јули (петок) ќе одржи голем солистички концерт на сцената на Античкиот театар во Охрид, во рамките на годинешното издание на S.O.S. Festival 2026. Под отворено небо и во магичниот амбиент на еден од најубавите концертни простори во земјата, Ружица, Ивица и останатите членови на бендот ќе приредат вечер исполнета со емоции, рок-енергија и безвременски хитови.

Публиката ќе има можност во живо да ужива во песните што ја одбележаа нивната повеќедецениска кариера, меѓу кои се „Сите мои слики“, „Пријател“, „Одведи ме“, „Биди мој“, како и многу други нивни теми што оставија силен белег на македонската музичка сцена.

Препознатливиот моќен вокал на Ружица, виртуозните гитарски делници на Ивица, цврстата ритам-секција, богатата синти подлога и придружниот вокал на Елена создаваат концертно доживување кое со години ја освојува публиката.

Во комбинација со уникатната атмосфера на Античкиот театар, овој настап ветува незаборавна летна музичка вечер. Вие и Ареа на фреквенција со љубовта под ѕвездите во Антички!

Концертот е во организација на Fresh Union – Film, Music and Booking Agency, како дел од проект поддржан од Министерството за култура.

Влезниците веќе се пуштени во продажба и можат да се обезбедат онлајн преку Wayin, како и во „Аждерот“ во Охрид. 31 јули, 21:00 часот – Антички театар, Охрид.

Бидете дел од вечерта и уживајте на иста фреквенција со АРЕА.. на фреквенцијата на љубовта.

Back to top button
Close