Фаучи одби да одговара пред Сенатот – тврди дека целта на сослушувањето е негово кривично гонење

Поранешниот директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести на САД, Ентони Фаучи, денеска на сослушување пред Комитетот за татковинска безбедност и владини работи на американскиот Сенат повеќепати се повика на правото од Петтиот амандман од Уставот на САД, одбивајќи да одговара на прашањата на републиканските сенатори поврзани со потеклото на ковид-19 и неговото постапување за време на пандемијата.

Фаучи, кој се појави по судска покана издадена од претседавачот на комисијата, републиканскиот сенатор Ранд Пол, на почетокот од сослушувањето изјави дека смета оти единствената цел на постапката е да биде вовлечен во ситуација што би можела да доведе до негово кривично гонење.

– Единствениот заклучок до кој можам да дојдам е дека единствената причина зошто ме повикува пред оваа комисија е за да ме наведе да кажам нешто, било што, што би ги потврдило неговите повторувани јавни ветувања дека на крајот, според неговите зборови, ќе завршам „зад решетки“ – рече Фаучи.

Додаде дека, по совет на своите адвокати, ќе го искористи правото од Петтиот амандман и нема да одговара на прашањата.

Во текот на повеќечасовното сослушување, Фаучи на секое прашање одговараше со истата формулација: „По совет на адвокатот, со должна почит одбивам да одговорам врз основа на моите права од Петтиот амандман од Уставот“.

Сенаторот Ранд Пол оцени дека Фаучи ја злоупотребил својата функција и повторно ги изнесе обвинувањата дека Националниот институт за алергија и инфективни болести финансирал истражувања кои, според него, придонеле за појавата на пандемијата.

– Помилувањето што заштитува некое лице од кривично гонење не ја препишува историјата. Тоа не ги брише документите, не претвора изјава која доведува во заблуда во вистинита и не го спречува Конгресот да утврди што се случило – нагласи Пол.

Според него, Фаучи помогнал во финансирањето на истражување што довело до „најголемата вештачка чума во човечката историја“, додека повеќе републикански сенатори го обвинија дека ја нарушил довербата на јавноста во здравствените институции.

За сенаторите од редовите на демократите, пак, сослушувањето на Фаучи е организирано со цел тој да биде „вовлечен во стапица“ и дека комисијата треба да се фокусира на актуелните безбедносни предизвици, наместо повторно да ги отвора расправиите за пандемијата.

Во текот на сослушувањето, дел од демократските сенатори ја напуштија салата, по што републиканските членови на комисијата продолжија со критиките кон поранешниот здравствен функционер.

Денешното сослушување следи по објавата на сенаторот Пол на околу 1.100 страници од дневникот на Фаучи од периодот на пандемијата, тврдејќи дека документите покажуваат несогласувања меѓу неговите приватни белешки и јавното сведочење.

Републиканците подолг период тврдат дека Националниот институт за здравство финансирал истражувања за т.н. „gain-of-function“ во Институтот за вирусологија во Вухан, кои, според нив, можеле да придонесат за појавата на пандемијата.

Фаучи повеќепати ги отфрли овие обвинувања, наведувајќи дека, според официјалната дефиниција на американската влада, Националниот институт за здравство не финансирал такви истражувања поврзани со коронавирусот. Тој беше еден од главните советници на американските власти за време на пандемијата на ковид-19 и ја предводеше Националната институција за алергија и инфективни болести речиси четири децении.

Федералните истраги досега не донесоа конечен заклучок за потеклото на вирусот, а не е утврден доказ дека тој бил генетски модифициран и испуштен од лабораторија.

Back to top button
Close