Арагчи ги предупреди Кипар и Бугарија да не дозволат користење на нивни бази за американски напади


Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска ги предупреди Кипар и Бугарија да не им дозволуваат на САД користење на нивните воени бази за евентуални напади врз Иран.

Во телефонски разговор со кипарскиот министер за надворешни работи Константинос Комбос, шефот на иранската дипломатија нагласи дека треба да се спречат „непријателските сили“ да ги користат странските воени бази на Кипар за операции против Иран. Арагчи предупреди дека државата која ќе ја отстапи својата територија за такви активности би можела да се смета за учесник во „чин на агресија“, пренесува Си-Ен-Ен.

Според соопштението на иранското Министерство за надворешни работи, Комбос навел дека кипарската влада добила уверувања од Велика Британија дека британските воени бази на Кипар нема да бидат користени против која било држава, вклучително и Иран.

Иранскиот министер во одделен разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова побара Софија да ја преиспита одлуката со која се овозможува користење на една бугарска воздухопловна база за американски воени летала.

– Иран очекува бугарската влада итно да ја преиспита својата одлука – рече Арагчи, додавајќи дека Иран „нема да се колеба да ги брани своите национални интереси и безбедност од каков било напад или непријателско дејствување“.

Бугарскиот парламент претходно овој месец го одобри предлогот на владата американската војска да користи една воздухопловна база во земјата како поддршка за операциите на Блискиот Исток.

Back to top button
Close