Вооружен маж уапсен во голф-клубот на Трамп

Вооружен маж е уапсен во голф-клубот „Трамп Нешнл“ во округот Лос Анџелес, откако бил забележан како фотографира и снима видео на теренот, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Лос Анџелес.

EPA-EFE/JUSTIN LANE

Полицијата го пронашла возилото на осомничениот на паркингот на клубот, а при претрес кај него бил пронајден пиштол со куршум во цевката, рамка со 16 куршуми со експанзивна муниција и уште една наполнета рамка во неговото возило.

По апсењето, детективите извршиле претрес во неговиот дом, каде што пронашле дополнително огнено оружје и повеќе тетратки со, како што наведуваат властите, загрижувачки содржини.

Осомничениот е идентификуван како 38-годишниот Џанин Џон Тејл од Калифорнија. Тој е задржан со кауција од 250.000 долари, а првото појавување пред суд е закажано за 26 август.

Против него е покренато обвинение и за поседување нерегистрирана пушка со скратена цевка, кривично дело за кое е предвидена минимална затворска казна од десет години според американскиот закон.

Инцидентот се случил еден ден пред најавената посета на американскиот претседател Доналд Трамп на неговиот голф-комплекс во Ранчо Палос Вердес, каде што оваа недела треба да присуствува на настан на Републиканскиот национален комитет.

„Иако сè уште ги утврдуваме мотивите на осомничениот, благодарни сме што беше уапсен пред посетата на претседателот. Брзата реакција на федералните и локалните служби спречи ситуација што можеше да биде опасна“, изјави првиот заменик американски обвинител Бил Есајли.

Back to top button
Close