Австрија регистрира нов температурен рекорд
Австрија регистрира температурен рекорд втор ден по ред. Во Бад Дојч-Алтенбург, населено место во близина на Виена, вчера попладне температурата достигна 41,2°C во 15:40 часот, соопшти „Геосфера Аустрија“ (GeoSphere Austria).

Според податоците на „Геосфера“, во историјата на метеоролошките мерења во Австрија никогаш досега немало три последователни дена со температури од 40°C или повеќе. Во понеделникот на 3 август во Виена беа измерени 40,1°C, во вторник исто така таму 41°C, а во среда во Бад Дојч-Алтенбург 41,2°C.
Вкупно во 27 мерни станици на „Геосфера“ вчера беа поставени нови апсолутни температурни рекорди за соодветните места.
Највисоката температура надвор од Виена, Долна Австрија и Бургенланд беше измерена во Санкт Андре, Корушка (38,9°C), што исто така претставува нов апсолутен рекорд за оваа мерна станица.
Изминатите денови, најмногу во североисточниот дел на Австрија, повеќепати е регистрирана и зголемена концентрација на озон. И вчера во голем дел од алпската земја беа измерени покачени нивоа, што може дополнително да го зголеми оптоварувањето врз организмот предизвикано од екстремните жештини.
Според „Геосфера“, приземниот озон претставува зголемен ризик за здравјето најмногу за децата, постарите лица, луѓето со заболувања на дишните патишта, како и за сите кои вршат физичка активност на отворено.
Се очекува пикот на топлотниот бран веќе да е поминат. Според прогнозата на „Геосфера“, денешниот ден ќе почне со нов бран екстремни жештини во источниот дел на Австрија, но попладне се очекува разладување придружено со врнежи од дожд






