Германски медиуми за посетата на Зеленски на Белград: Муниција, дронови и улогата на Кристофер Хил

Доаѓањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Србија можеби е најава за заедничка фабрика за дронови, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. За весникот зборува Кристофер Хил, доскорешниот амбасадор на САД во Србија, кој опишува како српската муниција била извезувана во Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, в сабота (8 август) пристигнува во Белград, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, со потсетување дека посетата се планира одамна, но била одложувана, пренесе Н1.рс.

„Според наводи од дипломатски кругови, во Киев постои лоби кое категорично ја одбива посетата на Зеленски на русофилската балканска држава“,пишува весникот.

Се проценува дека посетата е пред сè политички сигнал иако, официјално, претежно ќе се работи за економски теми. Весникот пишува дека иако нема официјална потврда, економските теми се однесуваат и за одбранбениот сектор, па сè до можно заедничко производство дронови, додавајќи дека производството во Србија би можеле да го финансираат Обединетите Арапски Емирати. Во текстот се потсетува дека никаде на друго место во Европа нема толку симпатии за Русија и претседателот Владимир Путин како во Србија.

Весникот пишува дека властите во Белград очигледно немаат впечаток дека трупите на Путин се пред одлучувачка победа во Украина. Во согласност со тоа се зајакнуваат контактите со Украина, а не се прекинуваат оние со Русија.

 

Хил како посредник

Авторот на текстот, новинарот Михаел Мартенс, пишува дека разговарал и со Кристофер Хил, доскорашниот амбасадор на САД во Србија, кој раскажува како ги поврзал Украина и Србија на почетокот од својот мандат во 2022 година.

„На почетокот од мандатот во Белград до мене дојде украинскиот амбасадор со листа на воени потреби кои ѝ беа итно потребни на Украина на бојното поле. Мојот тим во амбасадата провери дали Србите се во состојба да ги исполнат овие нарачки – и беа. САД почнаа да го поддржуваат купувањето значителни количини српска муниција, за која знаевме дека итно ѝ треба на Украина“,вели Хил.

Весникот пишува дека на сите, па и на Белград, им било јасно дека оружјето преку Полска или Чешка ќе заврши во Украина. А тоа го знаеле и во Москва од каде што, потсетува весникот, стигнале повеќе предупредувања до Белград. Еднаш, наводно во Пекинг, Путин лично му приговорил и на Александар Вучиќ.

Внимавал Србија да не ѝ продава на Русија

Хил додава дека на американската страна ѝ било важно српскиот ангажман да не изгледа како воено профитерство, туку да биде во врска со долгорочните односи меѓу Србија и Украина што почиваат на заеднички интереси. И Србија стои на вистинската страна од историјата, додава Хил.

Тој смета дека е претерана критиката на сметка на Белград што не се приклучил кон санкциите против Москва. Како амбасадор, вели тој, застапувал став дека Србија може да преземе далеку поважни мерки отколку да има споредна улога во режимот на санкции.

Кристофер Хил, исто така, сакал да се избегне можноста Србија да испорачува оружје на двете страни. Дипломатот во пензија вели дека за Американците било приоритет точно да набљудуваат дали Србија на кој било начин соработува со Русија. „Вложивме значителни ресурси за да бидеме сигурни дека ја знаеме вистинската состојба на работите“, вели тој.

На крајот, Хил вели дека немало продажба на српско оружје на Русија, како што додава – „барем не во обем вреден за споменување“.

Веќе се бара место за фабрика?

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува и за улогата на Олександр Камишин, кој е советник на Зеленски задолжен да ја поврзе украинската наменска индустрија со европските партнери. Камишин, пишува весникот, и во Србија има улога од зад кулисите.

„Наводно изминатите години повеќепати бил во балканската држава и со својот тим посетувал места каде што би можеле заеднички да се произведуваат дронови. Според добро информирани извори, и производството на артилериска муниција било тема на разговор“,додава весникот.

Новинарот Мартенс во својот текст појаснува дека за сè е полесно да се добијат податоци од американската страна отколку од Србија, бидејќи сето тоа за Белград е чувствително.

„Србија е упатена на руските испораки на гас. Без нив, балканската држава не би останала без снабдување, но би бил загрозен голем дел од пресметката за инвестиции, во земја која претходните години донесе многубројни инвеститори“,наведува тој.

Во текстот се додава дека Украина и Србија работат на договор за слободна трговија, но дека од украинска страна се слуша дека би можело да потрае до почетокот на 2027 година додека да се потпише таков договор.

„И српската и украинската економија имаат интерес од таков договор“, вели Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, за кого се наведува дека пред и зад кулисите направил многу за економското зближување на двете држави. Чадеж особено ја фали украинската ИТ-индустрија која бележи рекорди и во време на војна и потсетува дека и Србија има растечка ИТ-сцена.

Back to top button
Close