Камионџиите од Западен Балкан ќе блокираат граници бидејќи Брисел ги игнорира нивните барања
Меѓународните превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавуваат радикални чекори и блокирање гранични премини откако Европската комисија целосно го изигнорира крајниот рок до 10 август 2026 година, кој транспортните здруженија го поставија за изнаоѓање конкретно решение и укинување на рестриктивниот престој за професионалните возачи во Шенген-зоната.

Поради ова, транспортниот сектор на Западен Балкан се соочува со една од најдлабоките кризи во поновата историја па во неможност да најдат адекватно решение за проблемот, асоцијациите на превозници од четирите држави веќе закажаа итен регионален состанок на 11 август во Македонија. На оваа средба тие ќе ги координираат натамошните дејствија, кои вклучуваат и активирање на плановите за масовни протести и блокади на товарниот сообраќај на Балканот.
Проблемот трае од октомври минатата година кога Европската Унија започна со ригорозна примена на шенгенското правило „90/180 дена“ за возачите на камиони од земјите надвор од ЕУ. Оваа регулатива, првично дизајнирана за да го спречи неконтролираниот прилив на мигранти и илегални работници, во пракса целосно го изедначи статусот на професионалните возачи со статусот на обичните туристи. На тој начин, на камионџиите им се дозволува престој во Шенген-зоната од најмногу 90 дена во рамките на шест месеци.
Иако на 10 април годинава беше постигнат привремен договор со кој се предвидуваше „бришење“ на претходно поминатите денови во Шенген и почеток на ново броење, превозниците обвинуваат дека тој договор на терен воопшто не се почитува. Возачите кои веќе ја исполниле квотата од 90 дена во последните шест месеци масовно се враќаат од границите и не можат да влезат во Хрватска, Унгарија или Романија. Наместо компромис, граничните власти продолжуваат со депортации на возачите и задржување на камионите, што на бизнисот му нанесува милионски штети.
Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, потврди дека асоцијациите испратиле официјално писмо со барање за итна средба, предлагајќи таа да се одржи во Белград или во Брисел. Сепак, одговорите од Унијата дополнително го револтираа секторот бидејќи ЕУ понудила разговорите да се одржат кон крајот на следната недела, но во онлајн формат, што според транспортерите е крајно несериозно за решавање на олку акутен проблем. Како причина од ЕУ го навеле фактот дека нивниот клучен персонал, вклучително и тројцата надлежни директори од Директоратот на ЕУ за мобилност и транспорт се наоѓаат на годишен одмор до 12 август, поради што какви било официјални разговори се одложени за периодот по тој датум.
Превозниците потсетуваат дека на крајот на јануари годинава веќе организираа четиридневна блокада на товарните терминали, која послужи како предупредување, но тогаш не беше пронајдено трајно решение. Овојпат, доколку на состанокот во Македонија се донесе одлука за радикализација, блокадите нема да бидат локални, туку регионални и координирани на сите клучни точки на Западен Балкан. Со блокирање на протокот на стоки во екот на летната сезона, транспортерите планираат целосно да го прекинат снабдувањето меѓу ЕУ и Југоисточна Европа, со цел да го принудат Брисел на итна суспензија на спорното правило.






