Камала Харис со остри критики кон Бајден
Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, сè поотворено се дистанцира од политиката на поранешниот претседател Џо Бајден, особено во однос на пристапот кон Републиканската партија
.
Според Си-Ен-Ен (CNN), во говор што ќе го одржи во Њу Орлеанс, Харис ќе порача дека демократите не можат да чекаат републиканците да доживеат „просветлување“ и сами да ги променат своите ставови.
„Не можеме да седиме и да се надеваме дека републиканците ќе доживеат „просветлување“ и ќе ја направат вистинската работа, бидејќи американскиот народ не може да си дозволи да чека“, ќе каже Харис.
Со оваа изјава таа се дистанцира од ставот на Бајден, кој во 2019 година изрази уверување дека дел од републиканците ќе го променат својот пристап по заминувањето на Доналд Трамп.
Харис, која ја презеде демократската претседателска номинација во 2024 година, најавува поагресивен пристап на Демократската партија и предупредува дека политичкото движење, создадено од Трамп, ќе продолжи да постои и по истекот на неговото право повторно да се кандидира за претседател.
Таа ја обвини Републиканската партија за „длабока морална корупција“ и порача дека демократите мора „без компромис“ да се спротивстават на неправдата, корупцијата и обидите за ограничување на правата на граѓаните.






