“Седморица младих” пред чешма построени

Штом го видовме Орце Ѓорѓиевски како пие вода од послужавник, веднаш се фативме за кваката и истрчавме да купиме вода. Желбата да се испразнат рафтовите по продавниците до последната капка вода им се потврди како најисправен чекор, по сликата на одушевените од ненадејната слава момци со функции, наредени како “Седморица младих” во Гостивар,  пред чешма која штотуку не заплакала од насилството кое им се приреди на гостиварчани.

Ова се коментарите на моите пријатели, ова се коментарите на социјалните мрежи, ова е Македонија денес, каде “Силно светнал ден” се само обични, неупотребливи зборови, кои ништо не значат, жалам, но така изгледа светот во кој живееме.

Никој не се сомнева дека нѐ прскаат од авиони за да ни го сменат ДНК идентитетот, дека земјата дека е плоча, немаат дилема дека постои задгробен живот и паралелни Универзуми, но сите се сомневаат во институциите во земјава, кога пијат вода од чешма и надмено нѐ убедуваат дека нивната жртва треба да е доволен доказ за исправноста на секој нивен потег, за наше добро, за универзална, кармичка правда.

А, не треба да се сомнева никој во властите, секако. Сѐ функционира беспрекорно. Освен основното човеково право да имаат луѓето вода, да дишат воздух, да имаат пристап до достоинствено здравство, да се движат слободно а да не ги затрупа градежната мафија, да се биде човек, конечно.

Кој даде оставка за Гостивар затоа што чувствуваше елементарна одговорност, барем трошка срам, да му се слоши од самиот себе, да се извини длабоко и да се повлече веднаш од функцијата и да бара итна, транспарентна истрага? Не постојат такви светли примери во оваа земја, затоа што се работи за исклучително скромни човечки примероци заседнати низ фотелјите, алчни и лакоми за пари и моќ, водени исклучиво од сопствените интереси и ниските страсти, од анималниот порив да се граба и ограбува, до последниот суден ден.

Од тој ден, кога сите се напија свежа вода од чешма и одушевено си наздравија, не се сомневам дека рејтингот им се зголеми до небесните височини, каде не може повеќе никој да ги дофати нивните ангелски крилја распослани низ небото како штит од целиот нормален, демократски свет.

Но не, мнозинството би ги гласало доживотно, зарем не гледате каква жртва прават да ни ја доделат честа да нѐ водат во тешки и мрачни времиња, кога ураганите го покосуваат светот, а тие со нивните нежни души и грамадна стамина нѐ штитат од сите зла и неволји кои ги носи ЕУ со себе.

“Нема буржоазија, нема демократија”- оваа политичка теорија на Барингтон Мур тука е запечатена и фрлена во првата канта ѓубре, затоа што засега е изгубена шансата за  важната улога што ја игра големата средна класа во остварувањето на демократизацијата и обезбедувањето на демократска стабилност. Во Македонија таа средна класа е толку длабоко поделена на две дијаметрално спротивставени страни, што станува невозможно да се регрутира и мобилизира за да стане клучна сила и фактор во симнување на корумпираните и неспособни власти.

Првиот дел од таа средна класа е мнозинскиот, залепен и вшмукан до властите, доброволно се циментирале и вградиле во таа клиентелистичка машинерија. Оној мал дел што останува се апатични, цинични и разочарани интелектуалци, кои со презир одмавнуваат со раката кога ќе им се понуди јавен настап и кревање на гласот. Оттука, со својот молк и рамнодушност, тие се претопуваат во првиот дел на разулавени за сопствени интереси клиенти на властите, и не сфаќајќи што прават, стануваат и тие нивни поклоници и поддржувачи, затоа што молкот ги распоредува во тој строј на исклучително скромни примероци кои ја водат земјата на совршено безгрижен начин, каде нема воопшто опозициски гласови.

Тоа Гостивар најдобро го покажа,  со бездната која се продуцираше како неизбежен резултат од долгото молчење на средната класа, која интимно посакува демократизирана држава, но само во соништата и фантазиите. Тогаш кога ќе ги отворат очите, после длабокиот долгогодишен сон, очекуваат функционалната демократија на тацна да им биде сервирана, онака како што му беше доставена водата на Орце Ѓорѓиевски. Ниту тој повеќе не знае што со себе да направи, ниту нашава умртвена буржоазија, сите завршија некаде далеку изгубени и длабоко уништени, чекајќи го премиерот Мицкоски да се врати од екскурзијата во Белгија. За да почне сѐ од почеток, нови регрутирања на клиенти, нови алчни и лакоми скромни човечки примероци, нов молк и бесрамност,  затоа што кругот така се затвора.

Back to top button
Close