Папата Лав бара итен прекин на насилството врз палестинските цивили

Папата Лав повика на итен прекин на насилството врз палестинските цивили на окупираниот Западен Брег, во услови на зголемени напади од страна на израелски доселеници и тензии во селото Кусра.

По неделната молитва во својата резиденција во Кастел Гандолфо, во близина на Рим, папата упати апел до меѓународната заедница да преземе итни чекори за постигнување решение со две држави.

„Го повторувам апелот за прекин на честото насилство врз палестинските цивили на Западниот Брег“, порача папата, додавајќи дека е потребно решение што ќе донесе „праведен и траен мир“.Апелот доаѓа во период на тензии во Кусра, каде што, според извештаите, израелски доселеници ги опколиле домовите откако било прекинато снабдувањето со вода и електрична енергија. Организациите за човекови права го опишуваат случајот како дел од пошироки активности насочени кон преземање земјиште и проширување на израелското присуство на Западниот Брег.

Ватикан со години ја поддржува идејата за палестинска држава која би ги опфаќала Појасот Газа и Западниот Брег, со Источен Ерусалим како главен град. Повеќе од 150 од 193 земји членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина.

Во меѓувреме, владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху продолжува да го поддржува ширењето на еврејските населби на Западниот Брег. Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, претходно изјави дека целта на изградбата е да се спречи создавањето палестинска држава.

Обединетите нации и најголем дел од меѓународната заедница ги сметаат израелските населби на Западниот Брег за незаконски според меѓународното право. Израел, пак, го оспорува статусот на територијата и не ја смета за окупирана

Back to top button
Close