Како во Основниот суд Делчево се мести вработување за стручен соработник?
Скандалите во македонското судство не престануваат. Додека јавноста се занимава со предмети со кои во последниот период секојдневно се спасуваат „големите риби“, во помалите места пак се случуваат низа незаконски дејствија пред очите на сите.

Не можејќи повеќе да ги трпат неправдите, граѓани и дел од адвокатите решија да се обратат до редакцијата на „Фокус“ и да ги споделат проблемите со кои се соочуваат во Основниот суд во Делчево.
Фокус пред една година пишуваше дека во Основниот суд Делчево се води интерна борба за вработување на конкретно една кандидатка како стручен соработник. Според нашите информации, истата била вработена три последователни години од 2022 до 2024 година со договор на дело во истиот суд во време кога власта беше во рацете на друга партија. Со промената на власта и завршувањето на нејзиниот договор на определено време, на 31 декември 2024 година, за истата кандидатка се бара начин – како таа да влезе како стручен соработник во делчевскиот Основен суд?
Во изминатите неколку години на судовите ширум државава им фали кадар. Но, вистински атрактивно работно место во еден суд е – стручен соработник. Атрактивно е бидејки платите се околу 50 илјади денари, а на тоа и секој месец Судски совет дава додаток од околу 10 %, што би значело плата од над 55 илјади денари.
„Фокус“ дознава дека во добар дел од помалите градови, во изминатите неколку години, со договор на дело, постојано биле ангажирани стручни соработници кои претходно биле адвокати. Од кога ќе им поминел договорот на извесен период, пак се враќале во адвокатура. За тоа кој кандидат ќе биде избран на определено работно време, по оглас в судот, одлучуваат претседателите на судовите, по тридневен оглас, временски период во кој понекогаш е невозможно да се разбере дека огласот е објавен, а камоли да се соберат документи за истиот и да се аплицира навремено. Затоа речиси секогаш влегуваат „блиските“ на некој од судот. Но, што по завршувањето на временскиот период за кој се вработени?
…






