Владата ја испраќа Маја Кадиевска-Војновиќ како претставник во Светска банка во Вашингтон
Владата ја испраќа Маја Кадиевска-Војновиќ како свој кадар за помошник во Канцеларијата на извршниот директор и претставник на конституенцата во Светска банка во Вашингтон, пренесе Фактор.

Во суштина македонскиот кадар што оди како советник во Канцеларијата на извршниот директор на Светска банка во Вашингтон се номинира од македонската страна, односно преку државните институции, пред сè Министерството за финансии и Владата, согласно договорената ротација во конституенцата. Владата го номинира македонскиот претставник кога според ротацијата на Северна Македонија ѝ следува позиција во Канцеларијата на извршниот директор во Вашингтон, а формалното ангажирање се реализира во рамките на Светска банка.
Маја Кадиевска-Војновиќ е македонски економист и финансиски експерт, како и поранешна вицегувернерка на Народната банка.од 2011 до 2018 година. Била задолжена за Секторот за операции на финансиските пазари и платните системи. Во рамките на Народната банка била и претседател на Комитетот за инвестирање на девизните резерви и на Комитетот за управување со актива и пасива, како и член на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Кадиевска-Војновиќ имаше и политички ангажман, стана член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на 2022 и беше ревносен опозиционер . Во највисокото партиско тело беше член до ноември 2024.
Во текот на минатата година таа беше во најтесниот круг на кандидати за нов гувернер на Народна банка. На крајот официјална кандидатура поднесе само Трајко Славески.
Кон крајот на минатата година Маја Кадиевска Војновиќ беше предложена за нов член на Управниот одбор на Стопанска банка Битола, но изборот по кратко време беше стопиран.
Продолжи да пишува колумни за макроекономија во недоволно афирмирани медиуми кои често знаат да преземат и препишат идеи.
Досега македонски претставници на Владата во Светската банка во Вашингтон биле Хари Костов во 1995–1996 и Нина Фити-Неделковска во два мандата: август 2018 – септември 2020 и август 2022 – септември 2024.
…






