Секретарот на Ватикан за односи со државите и меѓународните организации во посета на Русија

Секретарот на Ватикан за односи со државите и меѓународните организации, надбискупот Пол Ричард Галагер, денеска допатува во Москва, каде што до 28 август ќе разговара со руски функционери, претставници на Московската патријаршија и католичката заедница.
Галагер утре ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а потоа и со митрополитот Антониј Волоколамски, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, соопшти Ватикан.
В среда, на 26 август, предвидена е средба со Јуриј Ушаков, помошник на претседателот на Русија за надворешна политика.
На 27 август Галагер ќе се сретне со претставници на католичката заедница во Русија, вклучувајќи ги свештенството и членовите на монашките редови, а ќе одржи и миса во московската катедрала „Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица“. Предвиден е и разговор со католичките бискупи во Русија.
Ватикан наведе дека посетата ја потврдува определбата на Светата столица да го продолжи дијалогот со сите страни, посебно во период на големи меѓународни тензии.
Галагер последен пат престојуваше во Москва во ноември 2021 година, кога се сретна со тогашниот руски премиер Михаил Мишустин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и тогашниот претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, митрополитот Иларион.
Се очекува за време на новата посета тој да продолжи да работи на хуманитарните прашања, вклучувајќи ја размената на воени затвореници, враќањето на украинските деца и прашањата за исчезнатите и притворените лица.






