Анкара предупредува на надворешна дезинформациска кампања и психолошки операции

Турската Дирекција за комуникации утврди обид за активирање „однадвор организирана и насочена стратегија на психолошка операција, насочена против општеството, братството и мирот во земјата“, соопшти Центарот за борба против дезинформации при претседателството, а пренесе опозицискиот весник „Биргјун“.

Во соопштението на центарот се наведува дека против изворите што произведуваат дезинформации и провокации со неосновани тврдења веќе се преземаат судски и административни постапки. Од таму нагласуваат дека надлежните институции континуирано ги преземаат сите неопходни мерки, но во соопштението не се прецизира на кои конкретни објави или настани се однесува предупредувањето.

Од центарот ги повикаа граѓаните да бидат внимателни кон злонамерните содржини, да не им даваат публицитет на објавите со непознато потекло и да им веруваат единствено на официјалните соопштенија.

Центарот за борба против дезинформации (Dezenformasyonla Mücadele Merkezi – DMM) е основан во 2022 година како специјализирана структура во рамките на Дирекцијата за комуникации при претседателството на Турција. Неговата улога е да идентификува, анализира и демантира лажни вести, дезинформациски кампањи и манипулативни пораки на социјалните мрежи и во традиционалните медиуми.

Како структура за борба против хибридните закани што ги следи и критиките на опозицијата во јавниот дискурс, центарот редовно објавува „Билтен за борба против дезинформации“ и брзи деманти на актуелни теми поврзани со националната безбедност, надворешната политика, природните катастрофи, економијата и јавниот ред.

Back to top button
Close