(ВИДЕО) Филипче: Кој гарантира дека земјоделците нема да останат без вода заради дата-центрите
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција предупреди на сериозните ризици што изградбата на дата-центри кои владата на Мицкоски ги тука нетранспарентно и „под радарот“ може да ги предизвика врз водата, земјоделството и ценатата на струјата.

Филипче посочи дека станува збор за центри кои за својата работа користат огромни количества вода, која дополнително се загрева, и праша кој ќе гарантира дека поради нивното работење земјоделците нема да останат без вода.
Освен за водата, Филипче отвори прашања и за огромната потрошувачка на електрична енергија од дата-центрите и можните последици врз цената на струјата и потребата од дополнителен увоз.
„Зарем не е легитимно прашањето што ќе се случи со капацитетот за водоснабдување на сите полиња на земјоделците кога ќе се изгради дата-центар? Зарем не е легитимно прашањето што Македонија ќе прави со струјата која што во еден дел целосно ќе биде искористена од тие дата-центри, затоа што тие трошат многу струја? Понатаму, што ќе се случи со цената на струјата?“, рече Филипче.
Тој праша и дали огромната потрошувачка на електрична енергија може да го ограничи идниот индустриски развој во областите каде што би се граделе вакви центри.
„Дали тоа големо искористување ќе ја поскапи? Дали тоа значи дека ќе има дополнителен увоз? Дали тоа значи дека нема да има капацитет за ништо друго да се направи во околина на дата-центрите поради тоа што тие користат многу струја? На пример, ќе може ли во околина на некој дата-центар да се изгради фабрика? И дали воопшто ќе има струја за тие фабрики?“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче предупреди и на влијанието врз животната средина, особено на прашањето каде ќе завршува загреаната вода што ја користат дата-центрите и какви последици може да има тоа врз реките и биодиверзитетот.






