ДУИ: Влен го критикуваше проектот за автопатот Скопје – Блаце како скап, а сега за 30 милиони евра повеќе го претставува како успех

Пред две години Влен и нивните политички партнери го напаѓаа проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце како премногу скап и несоодветен, а денеска го претставуваат како успех и истиот ќе го градат за околу 30 милиони евра повеќе од првично предвидениот износ. Ова е денешната реакција на Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако денеска е поставен камен-темелник за изградбата на автопатот Скопје – Блаце во должина од околу 10,5 километри.

„Денеска, без да ја сменат ниту трасата, ниту проектот, откако непотребно го одложија повеќе од две години, истиот автопат од околу 10 километри ќе го градат за околу 210 милиони евра, односно приближно 21 милион евра по килметар. Покрај тоа, како успех се претставува проект завршен на 2 мај 2023 година, тендериран од претходната влада со вредност од околу 183 милиони евра“се вели во соопштението од ДУИ.

Оттаму велат дека проектот за изградба на автопатот не е сменет ниту за 0,1 отсто, а единствените работи што се променети се две години доцнење и околу 30 милиони евра повеќе за негова изградба.

„Влен мора да ѝ одговори на јавноста зошто две години беше блокиран готов проект и зошто денес истиот проект чини околу 30 милиони евра повеќе. Каде завршуваат овие пари и кое е образложението за ова поскапување?“,прашуваат од партијата.

Според ДУИ, Албанците изгубиле две години за еден витален автопат, а граѓаните ќе плаќаат дополнителни десетици милиони евра за истиот проект.

„Две години доцнење, 30 милиони евра поскапо и ниту една промена во проектот е сметката за неспособноста и лошото управување на Влен“додаваат од партијата.

Денеска беше поставен камен-темелникот за почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце во должина од околу 10,5 километри. Според премиерот Христијан Мицкоски, ова е историски момент за државата, кој денеска станува реалност. Посочи дека проектот повеќе од две децении бил претставуван дека само што не почнал да се реализира.

На делницата се предвидува изградба на пет тунели со лева и десна цевка, осум моста, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови.

Автопатот ќе има два коловоза со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од околу 27,5 метри. Рокот за изградба е четири години.

За изградбата се обезбедени 167,6 милиони евра преку заем од Европската банка за обнова и развој, грант од 30,82 милиони евра од Рамката за инвестиции за Западен Балкан, како и средства од буџетот на ЈПДП за експропријација.

Back to top button
Close