Русија издаде потерница за дописник од Балканот на германскиот весник „Франкфутер алгемајне цајтунг“

Русија издаде потерница по Михаел Мартенс, новинар на германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ поради „поттикнување омраза и непријателство“, јави ДПА.
Новинарот кој известува од Балканот, беше ставен минатата недела на листата од страна на руското МВР, јави ДПА.
Дописникот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за Балканот не беше вклучен во базата на податоци на Интерпол, според меѓународната организација за криминална полиција, забележа германската агенција, додавајќи дека останува нејасно дали Србија, една од земјите во кои тој работеше, ќе ја почитува потерницата издадена од Москва.
Она што ја предизвика реакцијата на руските власти беше прашањето што новинарот му го постави на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред само две недели за време на посетата на Белград.
Според руски медиуми, дописникот на германскиот дневен весник го прашал Зеленски што европските земји би можеле да направат „за да ви помогнат да убиете повеќе Руси“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го оквалификува прашањето како повик за убивање Руси и го нарече „неприфатливо“ и „криминално“.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави дека прашањето е формулирано на погрешен начин. „Го разјаснивме случајот и жалиме за формулацијата“, се вели во соопштението на весникот. Според рускиот закон, новинарот може да биде осуден на затворска казна до 6 години.






