Атина со најмногу случаи на Западнонилска треска, властите преземаат мерки против комарците

Зголемен број случаи на вирусот Западен Нил е регистриран во Грција во текот на актуелната сезона, при што здравствените власти досега потврдиле 232 заразени лица и 19 смртни случаи.

Dengue, zika and chikungunya fever mosquito (aedes aegypti) on human skin

Само во последните седум дена биле евидентирани 75 нови случаи, а шест лица починале како последица на инфекцијата, покажуваат најновите податоци на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).

Кај 165 од заразените се развиле потешки симптоми поврзани со централниот нервен систем, меѓу кои енцефалитис, менингитис и акутна парализа. Просечната возраст на овие пациенти е 75 години. Кај останатите 67 лица симптомите биле поблаги.

Во моментов 73 пациенти се на болничко лекување, додека 124 лица веќе се отпуштени од болница. Шеснаесет заразени немале потреба од хоспитализација.

Сите 19 починати биле постари од 65 години, а нивната просечна возраст изнесувала 85 години.

Атика со најмногу случаи

Најголем број случаи се регистрирани во Атика, односно поширокиот регион на Атина. Таму се потврдени 137 случаи, што претставува повеќе од половина од вкупниот број заразени во земјата.

Во Тесалија, северна и централна Грција и на Пелопонез се регистрирани уште 77 случаи, додека за 18 случаи сè уште се спроведуваат епидемиолошки истражувања.

Досега инфекцијата е потврдена во 61 општина ширум земјата. Здравствените власти очекуваат нови случаи и во наредниот период, со оглед на сезонската активност на вирусот.

Поради зголемената циркулација на вирусот, во општините во областа Атина веќе е спроведено вонредно прскање против комарци, кои се главни преносители на инфекцијата.

„Нема причина за паника“, порача грчкиот министер за здравство

Грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис ја оцени ситуацијата како контролирана и порача дека граѓаните немаат причина за паника.

Тој потсети дека најголемиот бран на вирусот Западен Нил во Грција бил регистриран во 2018 година, кога биле потврдени 317 случаи и 51 смртен исход.

За споредба, минатата година во земјата биле регистрирани 96 случаи и девет починати.

Првиот случај на Западен Нил во Грција оваа сезона бил потврден на почетокот на јули. Вирусот е редовно присутен во земјата во текот на летните месеци и се пренесува преку убод од заразен комарец.

Случаи на вирусот оваа година се регистрирани и во повеќе европски земји, меѓу кои Италија, Романија, Франција, Северна Македонија, Србија, Шпанија, Албанија, Австрија, Германија, Косово и Холандија

Back to top button
Close