ДУИ бара повторување на конкурсот за прием во полициско училиште: од 310 примени кандидати, само 11 се од немнозинските заедници


Опозициската Демократска унија за интеграција соопшти дека ќе побара повторување на конкурсот за прием во средното полициско училиште, откако од вкупно 310 примени кандидати само 11 се припадници на немнозинските заедници. Според партијата, помалку од три отсто од примените се Албанци, поради што бара конкурсната постапка да се рестартира со целосно почитување на начелото за правична и соодветна застапеност на сите заедници.

ДУИ побара и политичка одговорност, односно оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени од Влен, објави 4news.mk Од партијата велат дека формалното присуство на функционер на оваа позиција не смее да служи како алиби за исклучување на Албанците од институциите на системот.

„Истовремено, бараме во структурите на полицијата, редот и безбедноста да се воспостават јасни, мерливи и задолжителни механизми за правична и соодветна застапеност, од регрутирањето до раководните позиции. Не може да се дозволи она што се градеше со години да биде поништено за само две години и Албанците да бидат сведени на институционален декор. Ова не е прашање на еден конкурс, ниту на еден поединец, туку на еднаквоста, на мултиетничкиот карактер на државата и на почитувањето на Охридскиот мировен договор“, велат од ДУИ, додавајќи дека Албанците не бараат привилегии, туку правична застапеност.

Како дополнителна загриженост, од партијата посочуваат дека состојбата ги засега и останатите немнозински заедници, меѓу кои Турците, Ромите, Србите и други. Според нив, на овој начин се создава институционална супремација што произлегува од монистичка матрица, при што некои се однесуваат како домаќини, а другите се третираат како граѓани од втор ред во сопствената држава.

Back to top button
Close