Бесими уверува дека има пари за плати, пензии, социјална помош

Финансирањето на дефицитот и кредитите кои доспеваат до крајот на годината ќе биде обезбедено, а ќе има и бафер за евентуални нови шокови од пандемијата. Приходите се движат во рамки на предвидувањата, а ќе има доволно средства за финансирање на следните пакети економски мерки, за редовна исплата на плати, пензии, социјална помош, за обврските кон стопанството, кон кредиторите. Ова го порачува новиот министер за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА.

– Сакам да упатам јасно порака за смирување дека финансирањето на дефицитот и на кредитите кои доспеваат до крајот на годината ќе биде обезбедено, дури ќе обезбедиме и бафер за евентуални нови шокови од пандемијата. Ќе обезбедиме доволно средства за финансирање на следните пакети на економски мерки за ублажување на ефектите од кризата, како и економска обнова во пост-кризниот период кон „новото нормално“. Приоритетно ќе биде да се согледа каде се можностите во рамките на буџетот со оглед тоа кои програми или проекти се знае со голема веројатност дека нема да можат целосно да се реализираат до крајот на годината, потоа привлекување финансии во нашата економија од надворешни извори на финансирање, како и разгледување на можности за мобилизирање на слободните финансиски средства од домашниот финансиски пазар а со тоа во координација со НБРМ со цел задржување на финансиската и монетарната стабилност во економијата – вели министерот во интервју за МИА, додавајќи дека ќе се следи и што прават и други поразвиени земји особено во користењето нови неконвенционални мерки за поддршка на економијата.

Тој нагласи дека од првиот ден откако ја презема функцијата министер за финансии е во координација со тимот на Министерството за финансии и дека на дневна основа се следи состојбата со приходната и расходната страна на буџетот и оти доколку се појави потреба, навремено ќе се реагира, а бизнис секторот и граѓаните ќе имаат навремени и јасни пораки кои ќе бидат економските политики и мерки.

– Обезбедени се ликвидносни средства за буџетот да извршува непречено се согласно планот до крајот на годината, односно редовно да се исплаќаат платите на вработените, пензиите на пензионерите, социјалната помош, редовно да се извршуваат обврските кон стопанството, обврските кон кредиторите, како и средства за антикризни мерки за помош на економијата и забрзување на ревитализирањето. Постои и бафер (средства за сигурност), зависно од развојот на настаните, за евентуален втор шок или за сервисирање на отплати кои доспеваат во 2021 година – потенцира министерот Бесими.

Тој оцени дека на работите треба да се пристапува реално и отворено и оти оваа ковид-криза е реалност и дека ниту една економија не е исклучок и оти допрва треба да се преземаат мерки за економијата да се врати на вистински колосек.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close