Пратениците ја изгласаа потребата за носење на Предлог на закон за пријавување и проверка на странски директни инвестиции
Во рамките на 121. пленарна седница попладнево, Собранието ја заврши расправата за предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции и тој со 81 гласа „за“ е даден на натамошно читање. Со законот се уредуваат постапката за пријавување и проверката на странските директни инвестиции со цел да се заштитат националната безбедност и јавниот ред и стратешките интереси, како и надлежностите на институциите и телата за спроведување на одредбите од овој закон. Седницата продолжува утре во 14 часот.

Со предлог-законот ќе се воспостави национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции, преку кој би се спроведувале нивно пријавување и проверка во стриктно утврдени критични и сензитивни сектори во Република Македонија доколку за нив постојат сериoзни индиции дека нивното реализирање би ималo негативен ефект врз националната безбедност, јавниот ред и стратешките интереси на нашата земја. пред возот огласно предложеното законско решение, странска директна инвестиција може да се реализира со претходно донесена позитивна одлука или условно позитивна одлука од страна на Владата, заради стекнување најмалку 10% од основната главнина, и/или правото на глас, но во износ не помал од 50.000 евра во трговско друштво, сектор или критична инфраструктура, конкретно утврдени со членот 8 од Предлогот на закон.
Со оглед на тоа што во нашата земја не постои посебен законски или подзаконски акт со кој се утврдени секторите на критичната инфраструктура, со предложеното законско решение се дава правен основ, Владата, на предлог на Министерството за одбрана, да ги утврди секторите и видовите на критична инфраструктура, за целите утврдени со овој Закон.
Надлежен орган за пријавување и проверка на странски директни инвестиции согласно овој закон, се предлага да биде Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кој по претходно спроведена постапка на консултации со надлежните институции (МО, МВР, МФ, МЕТ, АНБ, НБРМ, МЕРМС, КЗК и други) и дава предлог на Владата, за да одлучи дали одредена инвестиција треба да биде дозволена, дозволена под одредени услови или одбиена. Против одлуката на Владата инвеститорот има право да поведе управен спор пред надлежниот суд во согласност со Законот за управни спорови.
Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ истакна дека тие поддржуваат вакво законско решение и дека за негово подобрување ќе предложат свои амандмани. Неговите забелешки за овој закон, како што рече, не се за идејата за скрининг на странските инвестиции, туку напротив на Македонија и треба современ, фунционален и европски систем за скрининг на странски инвестиции. – Моите забелешки се дека предлагачот создава механизам кој е премногу широк, премногу централизиран, со премногу дискреција на извршната власт и со недоволно гаранции за правната и институционалната сигурност – рече Ковачевски.
Антониjо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ рече дека, меѓудругото, законот предвидува кога инвестицијата подлежи на проверка, кој е должен да ја пријави, која институција ја спроведува постапката и проверката, кои други институции учествуваат во проценката на ваква можна инвестиција и кој носи конечна одлука.
– Затоа сметам дека во законот сосема правилно бидејќи ги има најголемите податоци и од внатрешноста на земјата, но и од странските држави, како контактна точка е предвидено МНРиМТ, но не е точно дека оваа институција самостојно ќе одлучува или ќе проценува за инвестициите кои ќе можат да имаат стратешки ризик за националната безбедност – истакна Милошоски.
Пратениците ја изгласаа и одлуката за давање согласност на Статутот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Претходно денеска во рамки на 121. пленарна седница Собранието ја именуваше Арљинда Хасани Синани за вицегувернер на Народната банка, беше изгласана потребата за носење на дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на 45 други измени и дополнувања на закони со кои се врши усогласување со Законот за високи раководители и се носат по скратена постапка.
Со дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, по скратена постапка, како што образложи пратеницкот Жан Дрвошанов се предвидува рокот за склучување договори за инвестиции да биде продолжен до 4 септември, анекси на договорите наместо до 31 јули да може да се склучуваат до 11 септември, а исплатата на државната помош наместо до 31 август да биде до 23 октомври. Пратениците денеска ја изгласаа потребата за носење на овој закон, по што тој, пред да се врати пред пленумот, мора да го помине филтерот на матичните комисии.
Пратениците ги изгласаа законите за ратификација на Конвенцијата за Бирото на Европската конференција за цивилно воздухопловство, на Протоколот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Литванија за спроведување на Спогодбата за преземање на лица кои престојуваат без дозвола, на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија во врска со соработката во областа на одбраната и на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Португалската Република во врска со соработката во областа на одбраната.
Беше усвоена потребата за носење на повеќе закони по скратена постапка со кои се врши усогласувања со Законот за високи раководители. Станува збор за измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на Законот за задолжителни нафтени резерви, на Законот за Геолошкиот завод на Република Македонија, на Законот за Фондот за осигурување на депозити, на Законот за државната статистика, на Законот за Царинската управа, на Законот за јавните набавки, на Законот за метрологијата, на Законот за стоковните резерви, на Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за Управата за јавни приходи, на Законот за индустриската сопственост, на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, на Законот за технолошки индустриски развојни зони, на Законот за лековите и медицинските средства, на Законот за Централен регистар, на Законот за здравственото осигурување, на Законот за основање Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, на Законот за безбедност на храната, на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Законот за Регистар на задолжително социјално осигурување, на Законот за класифицирани информации, на Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, на Законот за вештачење, на Законот за катастар на недвижности, на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, на Законот за рамномерен регионален развој, на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, на Законот за управување со кризи, на Законот за заштита и спасување, на Законот сигурност во железничкиот систем, на Законот за управната инспекција, на Законот за архивски материјал и архивска дејност, на Законот за здравјето на растенијата, на Законот за административни службеници, на Законот за животната средина, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, на Законот за употребата на македонскиот јазик, на Законот за инспекцијата на труд, на Законот за извршување на санкциите и на Законот за внатрешната пловидба.
Претседателот на Парламентот Африм Гаши на почетокот на седницата сопшти дека Владата го информирала Собранието дека д-р Кирил Јовановски, комисионер, надворешен член на Комисијата за хартии од вредност поднел оставка.






