Предавството во и на црквата

Распарченоста, распарталавоста на македонското ткиво, колку и да е патетична  во изразот “крик”  кој одтсекогаш благо сум го игнорирал, всушност на втор поглед е провинцијално точно – трагична. Тоа, колку што може да биде траги-комедијата на мала нација која не ја разбира државата која ја добила на среќа.

Не сум бил никогаш  близок со теми на црковноста на нашето битисување низ историјата и денес, но ме запрепасти една синкопа, сличност, повторување до детали –  на предавствата во државата под српско-руската закана и на црквата (по прашањето на автокефалноста) под истата таа српско-руска закана.

И двете запрети се одработуваат онака како што треба во таквите случаи одвнатре во власта и однатре кај црковните великодостојници. 

Црковното прашање во Македонија, како мене ми се чини бидејќи не сум хроничар на таа институција, паѓа во доменот на борбата за автокефалност која самостојно нашите си ја изработиле 1967, а со зборовите на канонското право: како шизматична црква со раскин од српската наводна “мајка црква” и која нова црква сега сака да стане прифатена и признаена како автокефална во семејството на православните цркви, во канонско и литургиско единство со хиерархија под Консантинополската , Цариградска Патријаршија. 

Во таа своја намера Македонската црква до сега има најголем проблем во ароганцијата и непризнавањето од наводно братската српска црква  и нивната мантијашка супер-структура со Порфириј, Павле и Иринеј, а со поддршка на руската црква.

Србската, имено, канонски може да го легализира нашиот пат до општо прифатена автокефалност, но тоа постојано го одбиваат сметајќи ги нашите црковни имоти, клер и паства за свои, односно сето прашање меѓу црквите како внатрешно српско прашање. Патем обидувајки се да инсталираат паралелна српска црква ПОА со Вранишковски и да ги блокираат сите наши обиди за меѓународна пре-поставеност на нашето прифаќање од Цариградската Патријаршија.

Втор проблем беше грчкото негодување околу името на државата и црквата, а тие имаа доминантно влијание во Васеленската Патријаршија во Цариград и тоа беше доволно нашето прашање да стои замрзнато. 

Но, после решавањето на спорот со Грција со Преспанскиот Договор  2018 и имањето Договор за добрососедство со Бугарија 2017 (што е резултат на про-западните левичарски влади во земјата), за Македонската Црква се отвори прозорец на можности за ре-поставување на прашањето за општо признавање на автокефалноста. Тоа, поради опстојувањето на блокадата од Србите, поддржани од Русите  императивно се постави како барање начин на нивно заобиколување . 

Про-западното или прогресивно крило во Македонската црква (ако така може малку шематски да се каже) успева да го убеди Архиепископот Стефан и Синодот да напишат писмо до Бугарската Црква  таа да ја преземе улогата на “мајка црква”, на промотор на нашиот спор со Србите и да го постави директно прашањето на нашата автокефалност, без дополнителни перипетии, пред Синодот на Цариградската Патријаршија

Тоа писмо нашиот Синод го праќа до Синодот на Бугарската Црква на 09-ти Ноември 2017. 

Зошто е одбрана црквата на соседна Бугарија? Бидејќи според објаснувањата, до 1945 година последна канонска јурисдикција на овие простори е Бугарската Егзархија. 

Од аспект на нашите национални интереси, чиј дел се и црковните, таков дипломатски маневар за постигнување на нашата цел е апсолутно оправдан, без било какви предрасуди и етикетирања.

Потегот на Македонските владици се покажува добро смислен и одмерен и носи резултат. 

Имено и  покрај паничните српски и руски реакции, Синодот на Бугарската црква ја прифаќа македонската иницијатива и формира т.н. Синодална Комисија за застапување на Македонската црква, со што прашањето на нашето признавање го отвори и изложи за директно арбитрирање на Цариградската Патријаршија (што досега беше оневозможувано од Србите кои како рековме го опишуваа како нивно “внатрешно прашање” и жестоко одбиваа негова интернационализација).

Работите имаат резултат и стануваат забавно-панични за Србите и Русите, а добри за нас, бидејќи Васеленската Патријаршија пролетта 2018 и официјално ја активира својата канонска процедура за решавање на нашиот случај.

Во неа е предвидено нашата црква да поднесе официјално барање за апелационен ракурс – еклитон со кој бара Васеленскиот Престол да реши за нашето прашање директно. Со тоа Македонската црква дефинитивно и формално го интернационализира нејзиното признавање кое веќе не зависи од ниедна друга помесна црква, туку само од одлука на Васеленскиот Престол во Цариград.

Тоа мора да се каже е голем дипломатски, црковен и политички успех на Македонската Црква кој следи и е во хармонија со политичките дипломатски успеси на постигнатите договори и продори на Македонскиот премиер Заев. Тој и претседателот Пендароски  пишуваат до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј писма за помош на нашата црква во нејзиното посакувано и заслужено признавање како автокефална и еднаква со сите други под хиерархија на Вселенскиот Престол.

И сега следи завршен триумф на овој пат со Одлуката на Канонската арбитража на Вселенската Патријаршија (уффф малку ми се мачи од нивниве титули и вокабулар) од 09. Мај 2022 година која се нарекува Патријарски Синодален акт со кој Архиепископот Стефан, клерот и верниот народ (па па па) се примени во евхаристичко општење (ваууу). 

Името на нашата Црква во Православниот свет би била Охридска Архиепископија Православна Црква на Република Северна Македонија.

 Името кое сега го има МПЦ може да се задржи во внатрешна употреба и немало потреба да се менува Уставот на МПЦ.  Таквото именување имаат компаративно сите православни цркви: значи православна црква на …. , а не Македонска, Украинска, Албанска и сл. Со првиот дел од името – Охридска Архиепископија, се признава и одржува историскиот континуитет како најстара црква во Православието на регионот.   

Со тоа, драги мои, е надмината 55-годишната изолација на МПЦ-ОА и со Константиновскиот процес целосно канонски се заокружи нејзиното постоење.

Процесијата во оваа византиска црковна одисеја продолжува со последниот свечен и формален чин – издавање Томос, акт за автокефалност од страна на Васеленската Патријаршија за нас. 

Тој чин  е договорен  на средбата на 12- ти Јуни 2022 година (присутен е и Премиерот Ковачевски) каде Вселенскиот Патријарх Вартоломеј му кажува на Архиепископот Стефан дека Томосот за Автокефалност ќе ни биде врачен во Црквата Света Софија во Охрид, летото 2023, во свечена формална процесија. 

И сега настанува факинг пресврт.

Како со југословенската фудбалска репрезентација, а македонската уште повеќе не можеше психички да издржи, да одигра меч до крај и да победи, така и нашиве владици се поделија и про-српската и про-руската опција успева да го придобие Архиепископот Стефан, да се алармира, да се направи пресврт и да се блокира веќе завршената работа за нашата автокефалност кај Васеленскот Престол во Цариград.

Овие сили во црквата успеваат, тотално нејасно и скандалозно, историски губитнички да ја блокираат готовата победа во процесот на стекнување автокефалност директно од изворот – Цариградската Патријаршија, и тоа на самиот крај.

Тоа многу познавачи воздржано од респект кон црквата, но низ заби го нарекуваат национално предавство во и на Црквата. И тоа е така навистина. 

Што имено се случувало? 

Нашава “српска инсталација” во Македонската Црква панично запомага кај Српската црква да направи нешто итно во врска со нашево прашање , бидејќи ќе сме добиеле автокефалност без и заобиколувајќи ги нив – “возљубените Срби”! 

СПЦ согледувајќи дека “Ѓаволот ја однел шегата и нивната ароганција” прави нагол пресврт и на 24 Мај 2022 набрзина Српскиот Патријарх Порфириј во Скопје дава изјава дека СПЦ ја признава за автокефална МПЦ, а само малку подоцна на 05-ти Јуни во Белград на Архиепископот Стефан Порфириј му врачува Томос за автокефалност! (Ваууу) 

Оваа историска брзина  на решавање на толку тешкото, долготрајно и измрцварено  наше признавање е одраз на паниката на Српската Црква дека ќе ја изгуби контролата врз Македонската и дека нашето прашање од внатрешносрпско добива целосен легитимитет кај Цариградската Патријаршија.

За жал предавството од српска инсталација во нашата Црква успева да го блокира македонскиот единствен и целосно легитимен пат до признавање од Цариград, заменувајќи го со псевдо-томосот за признавање од Српската Црква.

Србите претходно ја одбија понудата на Цариградскиот Патријарх да учествуваат во процесот на братско помирување и договорно уредување на административните прашања со Македонците и Константинополскиот процес е попречен, збунет и заладен . 

Но главниот дебакл на “српските конспиратори” во МПЦ е самото српско признавање.Тоа е билатерално признавање, внатрешен акт на една помесна црква. Тоа своевидно киднапирање на процесот покажува дека Србите одлучуваат за нас и нè држат внатре како “српска посла” сè уште за сè. Нивното признавање, иако добредојдено, не врши работа бидејќи не е општо, вселенско, не важи урби-ет-орби, кое само Цариградската Патријаршија е овластена да го издаде. Другите цркви можат да го прифатат (само Руската го прифати), а можат и да не го прифатат. Во таа смисла српскиот Томос е Псевдотомос! 

Потоа следат уцените и значењето на изразот “српска посла”: имено Српската Црква ни ги отстапува на користење имотите (движен и недвижен) на МПЦ ? Пази богати, нашите имоти СПЦ ни ги отстапува на времено користење. А за Името МПЦ Србите велат “ние Ве признаваме како МПЦ, но конечно ќе прифатиме како ќе се  договорите со другите цркви? ни тоа не е конечно туку билатерално”.

Потоа настанува дополнителен црковен руско-српски удар. Имено, на инцијатива и предлог на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, а во духот на поддршка и прифаќање на МПЦ, се сугерира МПЦ да одржи заедничка литургија, сослужение  со Православната црква на Украина во Влахерна. 

Синодот на МПЦ-ОА се сложи со идејата , но три дена пред одењето Синодот во скратен состав се состанува повторно и под влијание на руско-српската   инсталација носи нова одлука со која  забранува да се сослужува со Украинската Црква се додека  не се регулира нејзиниот статус во Православието?   

Кога пораснаа признативе Македонци и МПЦ – ОА кога почнаа да се курчат на други дека не биле целосно признати? 

Но, одбивајќи директно инцијатива на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј- односите на МПЦ-ОА и Цариградската Патријаршија влегуваат во заладување и повторна дистанца.

Нема Томос за општо признаена автокефалност. Пак сме на чекање, но сега не се знае што и од кого. Важно нашите ментори (кои историски од секогаш биле против Македонската самостојност и против вистинската автокефалност на Македонската црква)   белким ги задоволивме: српските и руски владици  пак по стиховите на блузот: ‚‚Во лице светци во душа волци‚‚ и.т.д.). 

Ете тоа е, драги мои, што ако не интер-галактично предавство на македонските национални и црковни интереси и заокружување на влегување во парталавата духовност на руско-српскиот свет.

Љубомир Д. Фрчкоски 

Back to top button
Close