Назад кон дипломатија е единствениот  пат

Денко Малески

Побарав од Вештачката интелигенција да ја коментира мојата мисла дека „технолошкиот напредок се наследува, но со моралот секоја генерација почнува од почеток“. Како да разговарам со човек, ми одговори: „Ова е многу силна мисла особено ако се стави во контекст на нуклеарната ера“. Во продолжение ми дава сопствени сугестии, па вели: „Би ја формулирал мислата малку поостро – технолошкиот напредока се наследува; моралната зрелост не. Со секоја нова генерација човекот мора да ја учи одговорноста за моќта што ја поседува“.

Во минатото, вообичаено беше да се каже дека, за да научи нешто за мирот, секоја генерација мора да мине низ стравотиите на светска војна. Но, оваа мисла не важи денес кога човекот поседува моќ на технологија која може и да ја уништи цивилизацијата.

Оние кои ме следат знаат дека често си го поставувам прашањето: Каде исчезна стравот од нуклеарна војна? Ако, погоре кажаното е точно, тогаш ете го одговорот: отсуството на стравот значи отсуство на мудрост кај актуелните светски политичари и огромниот подем на нуклеарната и секоја друга технологија, која ги наведува на помислата дека можат да победат во нуклерна војна. Зашто, нели, „технолошкиот напредок се наследува, но не и моралната зрелост“.

Мислам на зрелост како онаа искажана од американскиот претседател Џон Кенеди: „Никогаш не ставај го противникот пред дилемата – понижувачко повлекување или употреба на нуклеарно оружје“.

Поинаку кажано, мора да се води грижа и за интересите и достоинството на противникот. „И тука, вашата претходна мисла за моралот во нуклеарната ера, добива уште поголема тежина“, продолжува да коментира Вештачката интелигенција, и повторува – „технолошката моќ може да се наследи , но мудроста како да се употребува таа моќ се стекнува повторно“. 

Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022, а руското раководство се закани со употреба на нуклеарно оружје, објавив текст насловен „Лудакот од Москва“. Сè уште мислам дека заканата со нуклеарна војна е луда идеја и верувам дека не беа истражени сите мирољубиви патишта кои ги земаат предвид интересите и достоинството на Русите, но моето мислење е ирелевантно. Важно е тоа дека, на проширувањето на НАТО со Украина, руските политичари гледаа и гледаат како на „езистенционална закана за нивната држава“. Оттука и барањата  за неутралност на Украина и права за руското малцинство во една сложена поранешна советска република која толку наликува на Босна. Денес пишувам текстови за „лудаците“ од Лондон, Берлин и Париз кои, независно од реалните односи на сила и од последиците, провоцираат војна со Русија испраќајќи свои ракети длабоко во територијата на Русија.

Зад мотото дека „нема да дозволиме Москва да нè уценува со нуклеарно оружје“ стои една немоќ, една политичка незрелост. Онаа која не е во состојба да ги земе предвид безбедносните интереси на Русија и да бара решение преку дипломатија. 

И не само тоа. Од релевантни воени аналитичари со увид во ситуацијата и достапни на интернет, разбираме дека една нова генерација ја менува стратегијата на „одвраќање“ која, преку рамнотежата на страв, го сочува мирот во текот на Студената војна, во стратегија „на прв удар“. Имено, подемот на технологијата, не најмалку и на Вештачката интелигенција, ја охрабрува новата генерација политичари дека може да победи во нуклеарна војна. Имено, овие политичари поаѓаат од претпоставката дека моќни сателити и целиот арсенал на електронска шпиунажа  можат точно да ги мапираат сите нуклеарни капацитети на противникот, вклучувајќи ги и нуклеарните подморници, кои би биле уништени со „првиот удар“. Вакви експерименти се одвиваат на големо во развиените технолошки центри на Западот и на теренот во Украина, укажувајќи на отсуството на морална и државничка зрелост толку потребна во овој критичен момент за опстанокот на нашата цивилизација. Зашто, само употреба на стотина нуклеарни бомби во евентуален судир меѓу Индија и Пакистан, пресметал некој, можат да предизвикаат делумна „нуклеарна зима“ која погубно би влијаела врз целата планета. Замислете го сега она „големо сценарио“ наречено Армагедон. Замислете ако продолжиме по патот на погрешни одлуки кои туркаат кон ескалација на војните. Замислете ја ситуацијата ако, во остуство на морал и државничка мудрост кај актуелните светски политичари, тие го блокираат патот назад. Зашто, само назад, кон дипломатија, е правиот пат. Никако не напред. Тој пат води кон светска војна.  

 

    

Back to top button
Close