Специфични пет прашања околу тоа како детето си поминало на училиште

Кога детето се враќа дома од училиште, родителите вообичаено сакаат да знаат како му /ѝ поминал денот. Сепак, начинот на којшто прашуваме може да одреди колку, всушност, детето ќе каже, пишува порталот „Кликс“.

Прашањето „Како беше на училиште денеска?“ е природно, но толку широко, што детето лесно може да одговори само со неколку зборови. Затоа, познавачите препорачуваат поспецифични и отворени прашања што му помагаат на детето да се сети на одредени настани, искуства и чувства, а воедно и му даваат доволно простор да одлучи што сака да каже. Овој вид разговор не е важен само за училишните задачи. Тој им овозможува на родителите полека да стекнат увид во односите на своето дете, самодовербата, грижите, па дури и во оние делови од секојдневието за коишто детето не зборува многу.

Секојдневните разговори за училиштето му помагаат на детето да развие посилни комуникациски вештини. Така се учи јасна артикулација на мислите, активно слушање и вклученост во значаен дијалог. Овие вештини се клучни за целокупниот развој и иден успех кај едно дете.

Стручњаците издвојуваат пет прашања што треба да му ги поставите на детето кога ќе се врати дома од училиште. Тоа се:

– Која случка ти беше најважниот момент денеска?

– Со кого помина најмногу време денеска?

– Што беше најтешкото нешто денеска?

– Дали се случи нешто денес што би сакал /-а да го кажеш?

– Што е едно нешто што би сакал /-а да го направиш повторно или поинаку?

Најважно, сепак, не е прашањето, туку – одговорот. Доброто прашање може да почне разговор, но реакцијата на родителот може и брзо да го заврши, советуваат стручњаците.

Поставувањето премногу прашања може да има и спротивен ефект. Ако по секој одговор следат уште пет прашања, разговорот може да почне да се чувствува како испрашување за вашето дете. Кога ќе ви каже дека нешто го мачи, разбирливо е дека сте во искушение веднаш да најдете решение. Но, понекогаш на детето не му треба итен совет. Пред сѐ, тој / таа треба да почувствува дека и неговите / нејзините чувства се важни.

Значи, не мора да ги користите сите пет прашања секој ден. Изберете едно. Некогаш тоа ќе биде доволно.

Back to top button
Close