Почна судењето на Тони Цетински за големата афера со лажни ковид-потврди

Познатиот хрватски пејач Тони Цетински денеска се појави пред Жупанискиот суд во Загреб, каде што официјално започна судењето за големата афера со издавање лажни ковид-потврди за време на пандемијата. Цетински пред судскиот совет ги отфрли сите обвиненија за давање мито и фалсификување исправи, пишува „Б92“.
Иако пејачот уште во јануари 2024 година јавно тврдеше дека никогаш ниту купил ниту посакал да има ковид-потврда, новите официјални податоци што пристигнаа во судскиот предмет откриваат сосема поинаква приказна
Имено, според судските документи, дигиталната ковид-потврда му била издадена на Цетински на 8 ноември 2021 година, а во неа било наведено дека тој се вакцинирал еден месец претходно. Дополнително, полициските проверки на граничните премини потврдиле дека тој ја искористил оваа спорна потврда дури три пати за преминување на државната граница.
Аферата ја бранува јавноста бидејќи обвинителството опфати повеќе од 230 лица кои плаќале мито за лажен упис на вакцинација. „Мозокот“ на целата операција била поранешна медицинска сестра од Загреб, која веќе ја призна вината и се согласи на затворска и парична казна. Додека речиси 200 луѓе се согласија на нагодување со судот, Цетински избра по потешкиот пат и преку судска постапка ќе се обиде да ја докаже својата невиност.






