Мојсоска: Агенција за храна и ветеринарство три месеци не ги објавува млекарите кои продавале канцерогено млеко

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, реагира дека Агенцијата за храна и ветеринарство и нејзиниот директор Оливер Миланов веќе цели три месеци официјално не ги објавуваат млекарите кои продавале канцерогено млеко.

Како што посочува Мојсоска, станува збор за млекари кои продавале канцерогено млеко, а кои биле „казнети“ со, како што наведува, смешни казни. И покрај тоа што поминале три месеци, имињата на млекарите сè уште не се официјално објавени од страна на АХВ и нејзиниот директор.

„Агенцијата за храна и ветеринарство и директорот ОЛИВЕР МИЛАНОВ цели ТРИ МЕСЕЦИ не ги објавуваат официјално млекарите кои продавале канцерогено млеко и кои беа ‘казнети’ со смешни казни“, објави Мојсоска.

Во меѓувреме, додека, како што наведува пратеничката, АХВ сè уште не ги објавува официјално млекарите, директорот Оливер Миланов на своите социјални мрежи објавува AI-генерирани слики од себе.

„Во меѓувреме, директорот Оливер Миланов на сториња си генерира AI слики како му ја бакнуваат раката“, пишува пратеничката од Левица.Мојсоска се осврнува и на претходно објавениот скандал поврзан со директорот на АХВ.

„За истиов директор излезе скандал дека поставил незаконски камери за да ги демне вработените во Агенцијата“, наведува таа.

Пратеничката од Левица во својата објава го поставува и прашањето за одговорноста при именувањето директори на институции кои управуваат со јавни средства.

„Какви фрустрации и комплекси треба да носи човек за вакви слики да објавува од себеси? И уште поважно, какви ликови именува владата за директори на агенции кои управуваат со милионски буџети?“, прашува Мојсоска.

Back to top button
Close