Дурмиши: Нема сознанија за картелско здружување меѓу откупувачите на земјоделски производи, ќе има казни ако се утврди


Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели дека во моментов нема сознанија за картелско здружување меѓу откупувачите на земјоделски производи, но доколку се појават индиции за нарушување на конкуренцијата, надлежните институции ќе реагираат.

„Доколку има вакви сознанија за картелско здружување при откупот на земјоделските производи, Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе излезе на терен и ќе ги контролира сите здруженија и ќе ги казни во рамките на законските можности“, рече Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на цените, тој посочи дека Државниот завод за статистика секој месец ги објавува податоците, додека Пазарната инспекција врши контроли на терен. По објавувањето на податоците за август, најави Дурмиши, ќе се направи анализа и споредба на движењето на цените.

Тој потсети дека во јули месечната инфлација изнесувала 0,1 отсто, а годишната 2,3 отсто. Во истиот период, цените на прехранбените производи биле намалени за 1,3 отсто.

„Ако има девијантно однесување или зголемување на цените на прехранбените производи од страна на трговците без економска оправданост, ќе ги употребиме сите механизми што ги имаме на располагање“, нагласи Дурмиши.

Во врска со можноста за намалување на ДДВ-то за горивата, министерот рече дека за тоа е надлежен ресорниот министер, кој треба да ги презентира информациите пред Владата.

Дурмиши потсети дека Владата во услови на криза веќе преземала мерки за ублажување на поскапувањето на нафтените деривати и најави дека, доколку има потреба, повторно ќе се разгледаат можностите за интервенција.

Back to top button
Close