Шумски пожар во централниот дел на островот Евија – активни пожари и во североисточна Грција

Голем шумски пожар е активен во централниот дел на грчкиот остров Евија, а преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на населено место што е во непосредна близина да се евакуираат, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот избувна околу 14.30 часот, интервенираат 86 пожарникари со три пешадиски тима и 32 противпожарни возила, за гаснењето од воздух се ангажирани десет авиони и три хеликоптери, од кои еден е за координација, а помагаат цистерни за вода и градежни машини од општината.

Околу половина час по избувнувањето преку 112 беше испратена порака за информирање на оние кои се наоѓаат во поширокото подрачје на пожарот, а потоа и уште една порака за евакуација.

Конкретната област, денеска е во портокаловата категорија четири, односно подрачје со многу висок ризик од избувнување пожар.

Паралелно, поголеми пожари активни се и во близина на Александруполи и Драма во североисточна Грција, како и во близина на Коница во северозападниот дел на земјата.

Во близина на Испили Рахи кај Драма, активни се две различни жаришта на мала меѓусебна оддалеченост, станува збор за шумско подрачје и интервенираат 23 пожарникари, со еден пешадиски тим, седум возила, четири авиони и еден хеликоптер.

Кусо пред 15 часот избувна пожар во шумско подрачје кај градот Александруполи и интервенираат 16 пожарникари, со еден пешадиски тим, пет противпожарни возила, три авиони и еден хеликоптер.

Во Коница, во северозападна Грција, пожарот е во шумски непристапен дел, избувна пред осум дена, најверојатно од удар на гром, беше ставен под контрола, меѓутоа вчера повторно се разгоре, а пожарникарите во текот на целата ноќ водеа борба за огнената стихија да не стигне до првите куќи што се во близина.

Денеска ситуацијата е подобрена, но гаснењето продолжува со 150 пожарникари, десет пешадиски тима и 48 возила, а повремено од воздух интервенираат авиони и хеликоптери.

Според информациите од противпожарната служба на Грција пешадиските единици, интервенираат на оние жаришта до кои можат да пристапат, со оглед на тоа што пожарот е на тежок и непристапен терен, што значително го отежнува гаснењето.

Back to top button
Close