Откако неколку родители и еден поп “свирнаа” министерката Јаневска го повлекува Изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование
Откако во изминативе неколку денови извесни родители и едно свештено лице, се најдоа вознемирени и реагираа против ИЗБОРНИОТ (не обврзен) предмет Сеопфатно сексуално образование во средно образование министерката уште веднаш се повика на “јавноста” и изјави дека изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование во средно образование ќе нема.

– Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми: семејство, има заштита од сексуално преносливи болести, има заштита од несакана бременост, има рамноправност на половите, има тема за недискриминација меѓу половите. Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа – изјави Јаневска.
Како што рече, постојат научни докази дека сексуалното образование во средното образование е корисно во периодот кога децата на таа возраст се соочуваат со темите обработени во овој предмет. Посочи дека предметот бил изборен и можело да го слушаат само средношколците што сакаат, од прва до четврта година.
– Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем – додаде Јаневска.
Останува отворено прашањето од каде таква ранливост на институцијата пред “јавноста”?
Колку развикани лица чинат “јавност”?
И зошто министерството исплашено набрзина повлекува ИЗБОРЕН предмет, кој “загрижените” родители едноставно може да одлучат дена нивните децата нема да го посетуваат.
Во меѓувреме од пред само една недела училиштата во Англија применуваат нова, ажурирана програма во однос на сексуално и здравствено образование (RSHE).
Програмата не се сведува на класично сексуално образование, туку повеќе внимание посветува на тоа како децата и младите да градат здрави и рамноправни односи, да ги препознаваат штетните стереотипи и да разбираат што значат согласноста, почитта и личните граници.
Реформите започнуваат уште во основно училиште. Кај помалите деца фокусот е на пријателството, семејните односи, љубезноста, почитувањето на другите и препознавањето ситуации во кои некој се однесува несоодветно или насилно. Целта е уште од најрана возраст да се постават основите за разбирање на здравите односи и безбедноста.
Во средното училиште, односно кај тинејџерите, темите стануваат поконкретни.
Учениците учат што значи согласност во интимните односи, како се почитуваат границите на другиот и како изгледа здрава и рамноправна врска.
Посебно внимание е посветено на мизогинијата, сексизмот и родовите стереотипи. Учениците треба да научат да препознаваат штетни претстави за жените и односите меѓу мажите и жените, како и да разберат какп таквите ставови можат да придонесат кон нормализирање на контролата, насилството и сексуалното насилство.
Програмата директно се занимава и со онлајн мизогинијата. Тинејџерите ќе разговараат за влијанието на таканаречената manosphere, за incel-културата за инфлуенсери кои шират штетни претстави за жените и за начинот на кој онлајн содржините можат да влијаат врз разбирањето на љубовта, сексот, моќта и согласноста.
Програмата опфаќа чести пракси како споделување интимни фотографии, deepfake-порнографија и други дигитални ризици, со цел младите да разберат дека она што го гледаат онлајн не е нужно реален модел на сексуална или емотивна врска.






