Британец обвинет дека со руски шпиони планирале саботажи во фабрики за дронови во Велика Британија

Британец планирал со руски шпиони да саботира фабрика за беспилотни летала во Англија, објавија денеска обвинителите во Централниот кривичен суд во Лондон.

Американските медиуми пренесуваат дека 31-годишниот Британец, Џошуа Камиџ, е обвинет за директно помагање на странска разузнавачка служба, што претставува кршење на Законот за национална безбедност.

За време на првото појавување пред судот Камиџ се изјасни за невин. Тој е во притвор и денеска му беше наредено да се појави во Централниот кривичен суд во Лондон на 25 септември. Обвинителот Ворен Станиер денеска изјави дека Камиџ бил во контакт со наводен претставник на „Волонтерскиот корпус на ГРУ“, група контролирана од руската воена разузнавачка служба.

„Главната тема на нивните комуникации беа локациите на фабриките за беспилотни летала во Обединетото Кралство и планирањето да ги саботираат“, рече Станиер. „Тој точно знаеше со кого комуницира и какви се последиците од она што го нудеше“, додаде тој.

Според обвинението, помеѓу март и почетокот на септември, Камиџ дал информации за четири локации за производство на беспилотни летала во неговиот роден град Свиндон, што се наоѓа западно од Лондон.

Обединетото Кралство во јули го прогласи „Волонтерскиот корпус на ГРУ“ за закана за националната безбедност. Образложението е дека групата собира разузнавачки информации и спроведува непријателски тајни операции за руската воена разузнавачка служба.

Поддршката за оваа организација е забранета со новиот закон што ѝ дава на владата поголеми овластувања да ги потисне посредничките групи што вршат непријателски активности за странски земји. Оние што се осудени за помагање на корпусот се соочуваат со затворска казна до 14 години. Британските власти ја сметаат ГРУ за одговорна за низа непријателски активности против земјата и нејзините сојузници

Back to top button
Close