„Безбеден град“ веќе казнува и во Велес, 151 прекршок за само ден и пол
Миистерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во саботата биле регистрирани 124 прекршоци, а до денеска напладне уште 27, со што вкупниот број достигнал 151 казна за само ден и половина.
Според Тошковски, најголемиот број прекршоци се однесуваат на пребрзо возење, додека само три до четири случаи биле регистрирани за минување на црвено светло. Во Велес е отворен и команден центар за системот „Безбеден град“, сместен во целосно реконструираните поранешни простории на Министерството за одбрана.
Тошковски им се заблагодари на граѓаните за, како што рече, одговорното однесување и почитувањето на сообраќајните правила.
Министерот нагласи дека целта на системот не е зголемување на приходите во државниот буџет, туку поголема безбедност на патиштата.
„Безбеден град“ веќе покажува резултати и преку намалувањето на бројот на жртви во сообраќајни несреќи, посочи Тошковски.
Според податоците што ги презентираше, во првите осум месеци од минатата година на патиштата во Македонија животот го загубиле 96 лица, додека во истиот период годинава бројката е намалена на 61 жртва.






