Трамп го повика Зеленски да запре со нападите врз рускиот дизел

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го повика украинскиот колега Володимир Зеленски да нареди прекин на нападите врз руските дизел-инфраструктури.
За време на посетата на Ирска, Трамп изјави дека овие напади предизвикуваат недостиг на дизел.
На новинарско прашање дали разговарал со Зеленски по неговиот неодамнешен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп го повика Зеленски да ги прекине нападите врз рускиот дизел.
– Господинот Зеленски треба да направи една работа. Тој треба да запре со уништувањето на дизел-горивото во Русија – изјави Трамп.
– Нека напаѓа цели, но не и дизел-горивото, бидејќи така предизвикува недостиг на дизел-гориво – додаде тој.
Трамп рече дека разговарал со Зеленски за ова прашање и дека има многу други цели кои Украина може да ги гаѓа.
Украинските напади на големи оддалечености со месеци се насочени кон руската нафтена и гасна индустрија. Киев наведува дека токму овој сектор ја финансира, а и директно ја поддржува инвазијата на Москва во соседната држава, која трае повеќе од четири години.
Украинската кампања со дронови доведе до рестрикции на горивото во различни делови на Русија, иако земјата е еден од водечките извозници на нафта и гас. Други украински напади беа насочени кон големи руски онлајн-трговци, приближувајќи ја војната сè повеќе до обичните граѓани.
Русија исто така ја засили својата воздушна кампања против Украина изминатите недели, користејќи балистички ракети и дронови со млазни мотори. Нападите на Москва се насочени и кон украинската електроенергетска мрежа пред зимата, што според претставници на украинските власти има за цел да го деморализира цивилното население. јт/






