Бесими најави систем на паметни финансии

Потребен е систем на „паметни“ – смарт финансии. Тој систем ќе ги имплементира реформите кои треба да се направат во јавните финансии во смисла на подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, ќе биде континуиран, односно одржлив и во континуитет ќе дејствува кон подобрување на транспарентноста, вели во интервју за МИА министерот за финансии Фатмир Бесими.

– Велат дека финансиите се крвотокот на економијата, што е апсолутно точно, и би додал и на општеството, бидејќи сите процеси се поврзани со финансиите. Новите иновативни пристапи се најдобриот начин за придонесување на подобрување на економијата. Во овој мандат лично ќе се заложам за воспоставување на концептот „СМАРТ“ финансии. СМАРТ или во буквален превод „паметни“ финансии ќе биде систем на јавни финансии кој ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентира и транспарентен (S-strategical, M-mantainable, A-accountable, R-reform-oriented, T-transparent). Овој систем на смарт финансии ќе ги имплементира реформите кои треба да се направат во јавните финансии во смисла на подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, ќе биде континуиран, односно одржлив и во континуитет ќе дејствува кон подобрување на транспарентноста. Од аспект на економска филозофија или политичка економија, ова ќе значи стремење кон поправичен модел на јавни финансии гледано од аспект на приходи, расходи и начин на финансирање, односно популарно кажано како се полни и како и каде се трошат парите на граѓаните – вели Бесими.

Тој посочува дека традиционалното буџетирање, треба да се преориентира кон буџетирање кое е ориентирано кон резултати, односно да се види перформансот на институциите и согласно тоа да се утврдува колку средства ќе им се доделуваат на буџетските институции за проекти.
– На тој начин ќе се надминат нереалните планирања кои ги имаме со години, па и децении наназад, каде капиталните расходи се нерелно планирани, кои потоа реално потфрлаат во реализација. Понатаму, планирањето од една за друга фискална година треба да се ориентира повеќе кон подолгорочно планирање. Најголем дел од стратешките и капиталните проекти не се реализираат во тек на една фискална година, туку во тек на повеќе и умешноста да се утврди вистинската динамика на проектот на среден рок, може да биде од суштинско значење и за самата реализацијата на тој проект –  вели Бесими.
Министерот за финансии истакнува дека еден од главните столбови на ситемот јавни финансии мора да бидат транспарентноса и отчетноста.
– Транспарентност изминатите години е „клучен збор“ во политиката, но неговата реална вредност за јавните финансии е дека тоа е највисок степен на фискална контрола. И ја давате информацијата на јавноста на едноставен и општо разбирлив начин – јавноста суди и одлучува дали тоа е вистинска или оправдана или легална одлука. Граѓаните се тие кои ги вработуваат пратениците, министрите и останатите функционери, граѓаните се тие кои носат вредносен суд за нивната работа, како и насоката во која ќе треба да дејствуваат институциите – посочува министерот.

Back to top button
Close