Зошто во Молдавија може, а во Северна Македонија не може

Нема ништо специјално поинакво што се случува во Северна Македонија последниве две години (а и пред тоа) околу притисоците на политиката врз судството и промените што се диригирани во него. Сегашните промени во обвинителството, во раководствата на судовите, во персоналната структура на Устваниот суд, не се ништо поинакви од она што се случуваше кога во Полска и Унгарија дојдоа на власт националистичките влади.

Образецот е ист, има само нијанси во спроведувањето. Со последните одлуки на Врховниот суд, кој ги врати на повторно одлучување пресудите за несреќата кај Ласкарци и за поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, образецот влезе во петта брзина. Владејачката партија со тешка артилерија ги напаѓа судиите од Врховниот суд. Премиерот вели дека тоа било „големо разочарување“ за него, имал чувство дека за правдата се бори како Дон Кихот со ветерниците, но и дека судиите во Врховниот суд имале „стопан, газда“ кој им давал наредби како да работат.По патот овие години беа заборавени препораките на Рајнхард Прибе, колнењето во независноста на судството, првичната идеја на владата на СДСМ за ветинг во правосудството, СЈО сега е најозогласена институција откако беше светилник за иднината. Едноставно, ништо не се случува. Некакви промени треба да се направат, но сѐ да остане исто. И притоа со години да се споменува само еден податок – 2 отсто на доверба на граѓаните (кој и не е точен) и при тоа ништо да не се прави. Тоа е совршеноство на немоќ. Или совршенство на креирање лажни претстави и на таргетирање виновници на други места.

Во ова креирање на совршенство на немоќ (или креирање совршенство на заблуди) јавноста е измрцварена од елаборации на професори, адвокати, експерти, поранешни судии, поранешни обвинители, дека судството е заробено. И како што минува времето, на јавноста ѝ е сѐ помалку грижа. Таа разбира дека адутите секогаш се во ракавите на политичарите и ако тие имаат желба да се направат реформи во судството, и ако имаат идеја и одважност тие да се направат, работите може да се помрднат. Тоа отсуство на желба и идеја на политиката потоа се витка во обландата дека Северна Македонија не е способна да го направи тоа.

Ако Северна Македонија не може некои други кандидати за членство во ЕУ тоа го сакаат и можат да го направат. Молдавија, се чини, дека е извонреден пример за тоа. Во овдешната јавност многу се пишуваше за ветингот на судиите во Албанија, многу малку за сличниот процес во Украина, но речиси воопшто не се споменува она што се прави во Молдавија. Сето тоа е најмногу благодарение на кревката, но силна претседателка на државата, Маја Санду, која треба да се бори со големите хибридни и други закани од Русија, која во својата држава има еден отцепен регион (Приднестровје) и има и еден изразито проруски регион – Гагаузија, Но Санду е изразито проевропски ориентирана и работи на остварување на целите со алатките на политиката, а не се занимава со теоретски објаснувања како нејзината македонска колешка.

Би можеле ли ние во С. Македонија да го земеме како пример ветингот меѓу судиите и обвинителите што се прави во Молдавија? Некои аспекти сигурно да, но секоја земја има свои специфики. Еве како се прави тоа во Молдавија.

 

Во декември 2023 година во Молдавија беше спроведено истражување на јавното мислење за довербата на граѓаните во правосудниот систем. Резултатите беа очекувано ниски: само 22 отсто од Молдавците изјавија дека имаат релативно високо ниво на доверба во судовите или во обвинителството, додека 36–37 проценти изразија недоверба.

Дотогаш, земјата веќе речиси три години беше предводена од претседателката Маја Санду, која повеќе од две години имаше и сопствено парламентарно мнозинство.

Како и кај нас, сите зборуваа за потребата од реформа на правосудството, но луѓето не гледаа реални промени. Сепак, ново истражување спроведено три години подоцна – со користење на истите прашања – покажа опиплива промена. Уделот на Молдавците што изразуваат доверба во правосудниот систем се зголеми на 32 отсто, додека недовербата кон обвинителството и судовите опадна на 26–27 проценти.

 

Како беше постигнато тоа во Молдавија и зошто ОЕЦД во својот извештај за земјата напиша дека таа презема амбициозна и далекусежна трансформација на својот правосуден сектор како дел од процесот на пристапување кон Европската унија. Во извештајот на ОЕЦД се вели дека „земјата даде приоритет на реформите усогласени со законодавството и acquis на ЕУ, особено во Поглавје 23 (Правда и фундаментални права) и Поглавје 24 (Правда, слобода и безбедност)“. ОЕЦД наведува дека „овие реформи покажуваат силна посветеност за градење цврсти институционални темели во Молдавија. Повеќе од тоа да биде репер за членство во ЕУ, реформите се фокусирани за корисниците да добијат правосуден систем во чија основа е јавната доверба, правната сигурност и социо-економскиот раст“.

Ветингот на судиите и обвинителите во Молдавија е далеку од завршен, но јавноста веќе ја гледа промената. Ветингот подразбира сеопфатна проверка на минатото, финансиските средства, професионалните квалификации и интегритетот на поединецот.

 

Зошто Молдавија успеа? Специјализираниот портал „Европска правда“ пишува дека објаснувањето е едноставно – затоа што наместо лажна реформа, Молдавија спроведе вистински процес на проверка и прочистување.

Проверка на трошоците за последните 12 години

Кои беа алатките? Комисијата за проверка добива пристап до сите банкарски сметки на судиите и кандидатите за судии, како и до целосни податоци за нивните трошоци во текот на изминатите 12 години. Истото важи и за членовите на нивните најблиски семејства.

Понатаму, се вршат проверки за да се утврди дали високите судии и обвинители избегнувале плаќање данок во текот на последните пет години. Се врши и проценка на етичкото однесување на секој судија во однос на предметите со кои раководел во текот на изминатата деценија.

Процесот на проверка се покажа толку ригорозен што само еден судија од Врховниот суд на Молдавија успешно го помина.

Ситуацијата во Молдавија не беше подобра од онаа во С. Македонија пред процесот на ветинг. Мислењето во јавноста беше дека судовите станале алатки на олигархијата и на политичарите.

Во тоа време, европските институции ја опишуваа Молдавија како „заробена држава“, бидејќи државните институции постоеја формално, но вистинското владеење се одвиваше надвор од официјалните канали на власта.

Имаше огромна банкарска измама во која околу една милијарда евра беа извлечени од три молдавски банки. Потоа следеше таканаречената „Пералница“ – перење на 20 милијарди евра од нелегални руски фондови преку молдавски банки. Уште се памети поништувањето на изборите за градоначалник на главниот град Кишињев откако победи опозицискиот кандидат. Во сите овие случаи, моторот за манипулациите беше правосудството.

По победата на проевропскиот претседател и влада, беа направени неколку обиди за реформирање на правосудниот систем, но со мал успех. И судовите и обвинителството пружаа силен отпор кон реформите. Па следеше уште еден обид.

 

Среќни околности

Во 2022 година мандатите на сите членови на Високиот совет на судството истекоа речиси истовремено, а набргу потоа и на сите членови на Високиот совет на обвинителите. Ова овозможи целосно обновување на двете тела. Тоа ја означи првата фаза од реформата, која стана позната како „претходен ветинг“.

Еден од клучните чекори за реформата беше барањето за учество на странски експерти во процесот на ветинг. И покрај забелешките дека тоа ќе значи некаков упад во суверениетот на молдавскиот правосуден систем (па дури и во самата држава), беше донесена одлука во комисијата да учествуваат странски експерти. Комисијата е составена од тројца домашни и тројца странски членови, номинирани од таканаречените „партнери за развој“ – земјите што обезбедуваат финансиска помош за Молдавија.

Како одеше процесот?

На почетокот тоа беше за изборот на нови судии, а не за разрешување на актуелните. Па се отвори голема можност критериумите да бидат што е можно построго поставени. Беше одлучено дека „сериозните сомнежи“ во однос на интегритетот на кандидатот – дури и без неспорни докази – ќе претставуваат доволна основа за негативна оценка.

 

Во расправите како да се направи ветингот беше одлучено чистењето да оди „од врвот надолу“. Па кога почна втората фаза Врховниот суд беше првиот што беше подложен на проверка.

„Од 24-те судии на Врховниот суд во 2023 година, само еден успешно го помина процесот на ветинг“, изјави за „Европска правда“ Андриј Бивол, член на комисијата за судски ветинг.

Откако видоа како се одвиваше прелиминарниот ветинг на кандидатите за Врховниот совет на магистратурата, огромното мнозинство судии на Врховниот суд одлучи воопшто да не им дозволат пристап до своите податоци на лицата задолжени за ветингот. Веднаш по стапувањето на законот во сила, 19 од 24-те судии на Врховниот суд поднесоа оставки. Тројца од нив тоа го направија од протест, а сите други исклучиво за да го избегнат процесот на ветинг и да ги зачуваат своите посебни судиски пензии. Со избегнување на процесот на ветинг, секој од нив добива отпремнина од приближно 30.000 евра, како и доживотна пензија во висина од 75 проценти од нивната последна плата.

Останаа само петмина судии во Врховниот суд. Од нив, по проверката, само еден успеа да го помине ветингот.

Главното „оружје“ во ветингот

Главното „оружје“ на молдавската комисија се покажа деталната проверка на приходите и расходите на судиите. Законот за ветинг ѝ дава овластување на комисијата да ги анализира и приходите и сите животни трошоци на судијата во текот на претходните 12 години.

Во овој период, разликата меѓу утврдените расходи и докажаните приходи не смее да надмине 12.000 евра. Едноставно кажано, на судијата му е дозволено да има околу 1.000 евра годишно во вид на средства со непознато потекло. Истите правила важат и за високите обвинители, чиј интегритет го оценува посебна комисија за ветинг.

За да се стигне до неопходните информации мораше да се револуционизира начинот на кој комисијата доаѓа до потребните информации. Комисијата испраќа барања до сите банки во врска со одредено лице, а тие доставуваат податоци за сите банкарски сметки што тоа лице ги имало во текот на изминатите 12 години. Истото важи и за нивните блиски роднини. Тука се одбегнува ситуацијата за „банкарска тајна“. Законот за ветинг ги обврзува сите банки во Молдавија да ги достават потребните информации.

Најважното прашање со кое се соочи комисијата беше не за направените трошоци, туку дали тие одговараат на официјалниот приход. И почнуваат проверки како судијата, обвинителот или кандидатот ги трошеле парите. „Се бараат информации од осигурителни друштва, туристички агенции, приватни болници. Законот ги обврзува сите тие да ни ги достават овие информации“, објаснува Андреј Бивол.

Покрај трошоците за приватни училишта, теретани и други услуги направени во текот на изминатите 12 години, комисијата мора да ги пресмета и редовните животни трошоци на семејството, како што се трошоците за храна. Бидејќи плаќањата речиси насекаде – од супермаркети до бензински пумпи – се вршат со банкарски картички, добиените изводи се доставуваат до комисијата. Некои, се разбира, плаќале и во готовина. Потоа трошоците се споредуваат со податоците од државната статистика за просечните расходи на домаќинствата во Молдавија. Овие бројки вклучуваат различни фактори за прилагодување, како на пример дали судијата или обвинителот живее во Кишињев или во помало населено место.

Како и во Украина, и во Молдавија се користи систем за катастарска проценка на имотот, кој обично резултира со бројки значително пониски од реалната пазарна вредност. Токму таа вредност често се внесува во нотарските документи за да се намали износот на данокот што треба да се плати.

„Ги анализиравме цените на недвижностите во времето на трансакцијата и утврдивме дека износот на неплатениот данок го надминува законскиот праг. Само врз основа на тоа, кандидатот не го поминува процесот на проверка“, вели членот на комисијата Бивол.

Работата на комисијата е исклучително напорна затоа што е обемна.

Најновиот годишен извештај на комисијата за ветинг на обвинителите открива дека најобемното досие што било разгледано содржело 13.263 страници, додека просечниот обем на една постапка достигнува 3.700 страници.

И покрај тоа што има голем напредок во реформата на судството довербата во јавноста тешко се стекнува. Прагот од 50 отсто сѐ уште е далеку. Има две причини за ова. Првата е кампањата за дискредитирање на реформата. А втората се претерано високите очекувања на јавноста.

Како и со краткиот мандат на македонското СЈО за постапување во предмети за масовното прислушување, така и првата комисија за ветинг на кандидатите за судии во Молдавија имаше многу кус временски период. Беше именувана во април, а се очекуваше да ја заврши евалуацијата на 101 кандидат до декември. Тоа ги надминуваше капацитетите.

 

 

 

 

Па политичарите решија да не се откажуваат од реформата и ги продолжуваа роковите. Мандатите на комисиите за ветинг веќе се продолжени. Голем број високи позиции во правосудството и во обвинителството сѐ уште не се опфатени со процесот на ветинг, иако е предвидено комисиите да ја завршат својата работа до крајот на годината. Но веројатно дека нивната работа ќе биде продолжена. Со тоа треба да се намали разочарувањето на јавноста дека процесот не оди толку брзо колку што таа сака.

Така изгледа кога некоја држава сериозно сака да влезе во Европската унија, а не да се преправа. Инвазијата на Русија на Украина од една страна донесе голем безбедносен ризик за Молдавија, но од друга отвори прозорец за нови можности. Молдавија поднесе кандидатура за членство во 2022. Според извештаите за проширување на Европската комисија за 2025 година, Молдавија постигна добар напредок 20 од 33-те преговарачки поглавја, повеќе од која било друга земја-кандидат. Владата, исто така, ги спроведува реформите според Планот за раст на ЕУ за Молдавија повнимателно од земјите од Западен Балкан. Најголемиот успех на владата од 2022 година е вистинската политичка посветеност што ја покажа кон европската интеграција и нејзината способност да го претвори во реалност она што долго време изгледаше невозможно.(dw)

Back to top button
Close